ЕВА или што „гледаат“ роботите кога ќе ги затворат очите“ – проекција со излагање во Ревијалната програма и ПРОБЛЕМОТ СО ПРИРОДАТА и ЅИД во натпреварувачкиот дел на 11. ФФФ

Продолжуваат проекциите на квалитетни филмски остварувања во рамки на 11.Филозофски филмски фестивал. Почнувајќи од 17 часот, публиката, по втор пат ќе може да погледне два филма од Официјалната селекција на долгометражни филмови. ПРОБЛЕМОТ СО ПРИРОДАТА / THE TROUBLE WITH NATURE (2020) на режисерот Илум Јакоби, е филм во којшто се пренесува љубовта, почитта и посветеноста кон природата на авторот. Јакоби кој и самиот е планинар и алпинист, ја сместува приказната во 18-тиот век, во време кога филозофот Едмунд Берк решава да го напушти Лондон и тргнува на патување по француските Алпи за да го види и доживее „возвишеното “ со свои очи. „Проблемот со природата“ е филм за амбициите и егото на филозофот кој се наоѓа исправен пред предизвикот поврзан со естетичкиот концепт што тој самиот го создал. Делото изобилува со елегантен и сатиричен хумор и импресивни и раскошни пејзажи, директно вперувајќи го нашиот (човечки) поглед кон не-догледот на природата којашто истовремено и застрашува и восхитува.

По ПРОБЛЕМОТ СО ПРИРОДАТА, следува репризна проекција на ЅИД / (WYCIECZKA, 2019) на полскиот режисер Бартош Груџиецки (Bartosz Grudziecki). Филмот номиниран за највисоката награда на Софискиот филмски фестивал во 2019 год. е трилер за богатите и сиромашните, како и за самоуништувачката потрага по слободата. Во своето онлјан излагање во рамките на Фестивалот, самиот режисер потенцира дека сакал да гопостави прашањето за тоа што претставува слободата за нас. Дали е тоа слобода да заборавиш, да оставиш некого или нешто во минатото, да живееш само во дадениот миг – „овде и сега“ или, пак, да оставиш трага зад себе, да се обидеш да направиш нешто од сопствениот живот?

Во 21 часот, како дел од Ревијалната програма: филм- философија, во летното кино „Мирно лето“ ќе се навратиме на шпанскиот научно – фантастичен филм од 2011 година ЕВА/ EVЕ на режисерот Кике Маило / Kike Maíllo, негово дебитантско остварување коешто премиерно беше прикажано на Венецискиот филмски фестивал, го отвори легендарниот Сиџес во 2011 год., се закити со Гоја за Најдобар нов режисер (2012) и ја доби Наградата од публиката на Фестивалот на фантастичниот филм во Жерардмер (2012). ЕВА се труди да ги покрене прашањата за врската помеѓу човекот и технологијата. Дали ние, луѓето, би можеле да воспоставиме силни емоционални врски со машините – толку совршени и слични на нас – какви што имаме со другите луѓе? И дали можeме да го програмираме она што го чувствуваме?

„Алекс Гарел, познат инженер кибернетичар, започнува значајна мисија на Факултетот за роботика во Санта Ирена – креирање на дете-робот. По цели 10 години тој се враќа во неговото родно место и се запознава со Ева – посебно и шармантно мало девојче кое пополека станува дел од животот на Алекс. Тој и Ева ќе започнат неверојатно патување…“

Дискусија по завршувањето на филмот ќе поттикне проф. д-р Владимир Давчев од Филозофскиот факултет при УКИМ чии потесни теми на интерес ги вклучуваат филозофијата на умот (philosophy of mind), когнитивната филозофија, вештачката интелегенција и нејзиното општествено влијание, преку неговото излагање инспирирано од филмот „Ева или што „гледаат“ роботите кога ќе ги затворат очите“.

Инаку вчера, посетителите во Кинотеката го проследија вториот дел од селектираните краткометражни филмови кои ќе се „борат“ за статуетката „Златен був“ од жирито и публиката. Тие имаа и ретка можност на големото платно да уживаат во краткометражните студентски филмски остварувања на рускиот режисер Андреј Тарковски. За потсетување, програмскиот сегмент Ретроспектива Тарковски, ќе следува по завршувањето на Главната програма на фестивалот. Во периодот од 10 – 20 јуни, во Кинотеката и киното „Киноверзум“ при МСУ Державин – Свети Николе ќе бидат прикажани седумтте долгометражни филмови на Тарковски, хронолошки следејќи го развојот на режисерот низ неговиот творечки живот.