Американскиот архитект со кинеско потекло И.М. Пеи, кој почина на 102 години, на 16 мај, со својот модерен дизајн и високопрофилните проекти, каква што е и стаклената пирамида на парискиот музеј „Лувр“, стана еден од најпознатите и најплодоносните архитекти на 20 век. Иеох Минг Пеи, син на истакнат банкар во Кина, ја напуштил својата татковина во 1935 година и се преселил во САД, каде што студирал архитектура на институтот за технологија „Масачусетс“ и на Универзитетот во Харвард, а во 1955 година во Њујорк, основал и своја фирма.

– Музеите, општинските згради, хотелите, училиштата и другите објекти што ги проектираше Пеи низ светот, покажуваат прецизна геометрија и апстрактен квалитет, со почит кон светлината, главно, со користење на камен, бетон, челик и стакло – напиша „Ројтерс“.

Обновувањето на парискиот музеј „Лувр“, чии делови датираат од 12 век, се покажа како најконтроверзно дело на Пеи, а за таа работа го ангажирал францускиот претседател Франсоа Митеран. Пеи на тој начин на влезот во тој познат музеј ја проектирал стаклената пирамида, со три помали пирамиди во близината, што претставувало впечатлив контраст на постојните објекти на „Лувр“ во класичен француски стил. Тоа предизвикало лутина кај многу Французи, некои од тамошните медиуми таквото решение го опишале и како „додаток на Дизниленд“, додека и самиот Пеи признал дека „Лувр“ е несомнено неговата најтешка работа во кариерата. Тој и во некои други значајни проекти го користел мотивот на стаклената пирамида, па така и ја дизајнирал и на влезот во Куќата на славните рокенрол-ѕвезди во Кливленд.

Другите значајни дела вклучуваат и проектирање на библиотеката „Џон Ф. Кенеди“ во Дорчестер во Бостон, на Националниот центар за атмосферски истражувања во Булдер, во американската сојузна држава Колорадо, на источното крило на Националната уметничка галерија во Вашингтон, како и на градското собрание во Далас. Во 1983 г. Пеи ја освоил меѓународната награда за архитектура „Прицкер“, а освоените 100 илјади долари ги искористил за започнување програма за кинеските архитекти што сакаат да студираат во САД.