Плодноста во најтесна смисла се поврзува со опстанокот на човештвото, но и со внесување елементи на еротика во секојдневниот живот на луѓето (ламби и садови со еротски сцени и претстави во антиката)

Музејот на Македонија со изложбата „Црн петел, црвена кокошка – култови на плодноста: обреди, обичаи и верувања“ гостува во Националниот етнографскиот музеј при Академијата за науки на Бугарија. Изложбата во Софија свечено ќе биде отворена на 24 октомври.

Изложбата е подготвена од Музејот на Македонија и од Археолошкиот музеј на Македонија и презентира дел од култовите на плодноста што се практикувале на територијата на Македонија од предисторијата до денес. Култовите и обредите на плодност се претставени преку разни форми на предмети, на женски фигурини од предисторијата (антропоморфни и зооморфни жртвеници), опрема од обичаите под маски, велигденски јајца и делови од женската народна носија. Плодноста во најтесна смисла се поврзува со опстанокот на човештвото, но и со внесување елементи на еротика во секојдневниот живот на луѓето (ламби и садови со еротски сцени и претстави во антиката).

– Таа еротика на некој начин низ вековите се пренесувала и преку усното народно творештво со песни, приказни, поговорки и гатанки, како еден вид вербална магија, за да иницираат плодност и кај човекот и кај природата. Обичаите под маски што го одбележуваат крајот на зимата и возобновувањето на природата, се полни со симболични ритуални дејства, кои треба да обезбедат плодност на луѓето, стоката и посевите. Овие архаични обичаи во изложбата ги презентираме преку фотографии и преку документарните филмови „Џоломари“ и „Говедар Камен“. Жените во Македонија и денес активно посетуваат култни и свети места – манастири, цркви, турбиња, води, камења, дрвја и др., вршејќи разни обреди поврзани со плодноста – вели авторот на изложбата, Јован Шурбаноски

Она што има посебен белег на оваа изложба е начинот на кој култот на плодноста бил вткаен во облеката што ја носеле луѓето во 19 и 20 век. Македонската женска носија како целина, но и поединечните делови и украси ја презентирале биолошка подготвеност на жената за репродукција. Таа наедно била и силен симболичен агенс за поттикнување на плодноста, но и магиски заштитник од невидливите зли сили, кои можеле на жената да ѝ ја одземат способноста да раѓа.

– Ваквиот начин на презентирање разнородни предмети и визуелни материјали, кои се разликуваат како типолошки така и хронолошки, укажува на уникатноста на оваа изложба. Интересен е нивниот спој, и начинот на кој тие се дополнуваат и наедно се дообјаснуваат – вели Шурбаноски во воведниот текст за изложбата.

Коавтори на изложбата се: Јасемин Назим, Александра Папазовска, Владимир Боцев, дизајнот на изложбата го направи Јован Ивановски. Автори на текстовите се: Јасемин Назим, Александра Папазовска, Ирена Настева Колиштркоска, Владимир Боцев, Елизабета Конеска, Илина Јакимовска, Гоце Наумов, Сања Димовска.