Изложениот материјал во лапидариумот е важен сегмент на нашето културно богатство, а групирањето на експонатите е направено според естетското обликување на просторот. Сите изложени експонати потекнуваат од прилепските археолошки локалитети

Прилепскиот завод и музеј од денеска добива лапидариум, по 65 години од формирањето на институцијата. Лапидариумот е отворен простор, во кој ќе бидат изложени камени споменици.
– Желбата да се остане засекогаш во колективната меморија на луѓето, преку вечноста на каменот, резултира со исклучително богата збирка на епиграфски споменици и камена пластика од прилепскиот регион, која од денеска е дел од лапидариумот на НУ Завод и музеј – Прилеп. Изложениот материјал во лапидариумот е важен сегмент на нашето културно богатство, а групирањето на експонатите е направено според естетското обликување на просторот. Сите изложени експонати потекнуваат од прилепските археолошки локалитети – велат од прилепскиот музеј.

Збирката на епиграфски споменици и камена пластика на Заводот и музеј – Прилеп содржи над 100 експонати: надгробни стели, епиграфски натписи, скулптури, ари, архитектонска камена пластика, сончев часовник (хорологион), релјефни бисти, вотивни релјефи, антропоморфни стели, капаци од урни и еден милјоказ.

– Најрепрезентативни наоди претставуваат мермерната антропоморфна пластика и епиграфските споменици од античка Стибера, мермерни надгробни стели и ари од повеќе археолошки локалитети, од кои дознаваме за духовноста и верувањето во задгробниот живот на нашите предци. Преку мермерната антропоморфна пластика можеме да дознаеме не само за нивните уметнички достигнувања туку и за нивната историја, култура и општествените случувања во тоа време – вели Благоја Атанасоски, директор на Заводот и музеј – Прилеп.

Во збирката изложена во лапидариумот се наоѓа и група на вотивни споменици, од кои дознаваме за нивните култови и верувања. Од архитектонската камена пластика се изложени декоративни елементи од античкиот град Стибера, како и неколку архитектонски елементи од ранохристијанскиот период, со исклучителна уметничка вредност во изработката.