Фотоизложбата на Маја Јаневска-Илиева, реализирана во соработка со уметникот Велимир Жерновски, понуди впечатливи видувања на приватното во јавниот простор

Под наслов „Приватни демони“ завчеравечер, во рамките на „Ин ситу“ – саемот на уметност, во МКЦ беше отворена и изложбата на фотографии на Маја Јаневска-Илиева, фоторепортерка на „Нова Македонија“, што таа ја реализира во соработка со уметникот Велимир Жерновски. Висечки поставени во горното фоаје, диптисите (серијата од две фотографии снимени на иста локација, но на различна светлинска изложеност), на прв поглед го привлекоа вниманието од многубројните посетители.
– Идејата за ваквиот начин на поставување на фотографиите е концепт што е развиен од организаторите на „Ин ситу“ и добро се вклопува во одговорот за приватното во јавниот простор. Сега овој јавен простор ми е приватен и мене и на Велимир Жерновски, но и на сите што дојдоа да ја видат изложбата. Концептот за самата изложба е мој, Велимир ми е соработник на ноќните фотографи, а јас го „искористив“ него за јавниот простор да го намени во приватен, односно го претставив јавниот простор, а тој го приватизираше на негов начин. Имавме релативно кратко време за работа, снимавме само четири или пет ноќи, а потоа ги преснимував преку ден истите локации за да покажам како се користи јавниот простор. За жал, во многу од фотографиите излезе дека тој не се користи, меѓутоа ѝ оставам на публиката сама да процени зошто е тоа така – вели Јаневска-Илиева.

Таа наедно открива дека некои од локациите на фотографиите претходно не ги ни знаела како што се, на пример, оние на Водно, кои ѝ ги покажал Велимир.
– Првенствено беше важно навечер да биде доволно темно за тој да може да ја искористи темнината како платно за да ги наслика своите демони. Меѓутоа, беше важно локацијата и преку ден да е доволно фотогенична, односно интересна за гледачот, и да биде користена од граѓаните. Проблемот беше што многу денски фотогенични локации ноќе беа осветлени и не можевме да работиме ништо на нив и затоа и ги отфрливме. Сакавме да одиме и на археолошкиот локалитет Скупи, но, за жал, оттаму нѐ избрка еден огромен пес чувар. Верувам дека ако имавме повеќе време за работа ќе можевме да истражиме и повеќе локации и да направиме поразновидни содржини. Важно е дека ова се локации во и околу Скопје, нашиот роден град. А приказната за изложбата почна од едно сосема случајно и спонтано дружење на кое покажувајќи што можат мобилните телефони, искреиравме неколку фотографии со техниката цртање со светлина и се договоривме дека ќе продолжиме да работиме. Мене ми се погоди и моментот да добијам покана за изложба на која се бараше концепт вкрстување и да биде во прашање простор. Ова е, всушност, мој прв ваков истражувачки проект и прва колаборација и особено ми е чест што соработував со Велимир Жерновски, кој е познат уметник чиј развој го следам – вели фотографката.
Жерновски, пак, по отворањето на изложбата истакна дека на проектот „Приватни демони“ гледа како на едно прекрасно искуство и за него тоа е поинаков начин на работа.

– Со Маја имавме интензивни ноќни часови за работа, за кои сум ѝ неизмерно благодарен. Успеа да ме оттргне од некои мои несигурности и да овозможи демоните да најдат свој простор. Се најдовме во некој совршен момент и таму изградивме заеднички јазик. Ако зборуваме за просторот, мислам дека ова е нашиот успех, успех во освојувањето на некој незамислив, непостоен свет. Еден популарен астрофизичар вели: „Црните дупки не се толку црни како што се насликани“ – вели тој.

Денеска и утре на „Ин ситу“ ќе може да се погледнат и гостувачка изложба од Берлин и една групна изложба, но и да се проследат проекции на филмови и тематски предавања. Вечерва, со почеток во 18.30 часот и во 20.45 часот, во киното „Фросина“ ќе бидат прикажани хрватските документарци „Градот кој беше премодерен“ и „Загрепскиот Велесаем, несуденото средиште на градот“. Ќе биде одржан разговор со Мароје Мрдуљаш. Утре, пак, во 11 часот на платото на МКЦ ќе биде промовирана модернистичка мапа „Скопје“ на „Блу кроу медиа Лондон“, а во 19 часот е предавањето на Ана Ивановска Дескова и на Јован Ивановски со наслов: „Кон конкретна утопија, архитектурата на Скопје во МоМА“. Со почеток во 20.30 часот предавање на темата „Комуницирање архитектура“ ќе одржи и Кристијан Буркхард.