Малата просторија на монтажната галерија во Паркот на франкофонијата стана збирно место на голем број посетители за време на претставувањето на инсталацијата насловена „Тивка деструкција“ од уметницата Моника Мотеска. Делото сочинето од два цртежа на цветот рајска птица и видеопроекција врз мермерна плоча поставена на средина предизвика тивко воодушевување кај публиката. Мотеска открива дека двата цртежи на цветот рајска птица претставуваат метафора на животот. Таа посочува на контрастот помеѓу цвеќето, неговата форма на егзотична, убава и мистична птица, наспроти проекцијата на разбрануваниот и немирен подводен живот.

– Тоа е свет што со еден удар би се срушил и би се претворил во прашина, додека, пак, цвеќето е другиот свет што се случува независно од нас и претставува поинаков поглед на убавината и опасноста што нѐ демне секогаш без да сме свесни. Цветот е претставен како сексуално и телесно задоволство, уживање во земската убавина и нејзината минливост, додека, пак, водата е простор во кој се случува живот и непогоди, во неа земјата се тресе и се бранува, а тоа нам ни е непознато и мистично – вели Мотеска за идејата зад „Тивка деструкција“.

Моника Мотеска е родена во Прилеп, во 1971 година. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност – сликарски оддел во Скопје, во 1996 година. Се занимава со сликарство, фотографија, видео и инсталација, а работела и на дизајнирање изложби и промотивни материјали од областа на старата фотографија.