Младиот поет Филип Димкоски завчера во домот на културата „Кочо Рацин“ ја претстави својата нова поетска книга „Во градината има само љубов“. Уредник на изданието е Александар Димкоски, таткото на младиот поет, кој и самиот пишува песни. Тој на почетокот дава опширен предговор насловен „Омеѓување“.
– Филип, не само што е вљубеник во градината, тој рај од скротена природа, Филип е и познавач на градината. Уште повеќе тој е препознавач на љубовта во неа – пишува Гордана Попсимонова во рецензијата.
Васил Тоциновски истакнува дека новата книга на Димкоски е уметнички и естетски исчекор на авторот. Писателката и литературна критичарка Снежана Алексиќ Станојловиќ од Србија, во рецензијата забележува дека Димкоски остава препознатлив поетски белег, а критичарка Ина Крејн од Бугарија книгата ја именува како „поетска Библија“.
Вечерта со својата гитара ја збогати и Џина Папас-Џокси, а поезијата сугестивно и со многу емоции ја говореше самиот автор.