Апокалиптичните теми и прашања со кои се занимаваме во претставата не се никаква пророчка дарба, туку работа на согледување, промислување, вели режисерот Ивица Буљан

Претставата „2020“, во режија на Ивица Буљан, работена по мотиви на текстовите на Јувал Ное Харари, а во изведба на Словенечко народно гледалишче, ќе биде на програмата на 53-от „Битеф“, кој е планирано да се одржи на средината на септември во Белград. Се смета дека „2020“ ја „претскажа“ короната, во неа меѓу другото се говори и за корона и за лилјак.
Претставата се базира на трите светски познати книги на Ј.Н. Харари („Сапиенс“, „Хомо деус“ и „21 лекција за 21 век“) и е работена во продукција на Словенечко народно гледалишче, Цанкарјев дом и Местно гледалишче во Љубљана. Премиерно беше прикажана во јануари годинава.
На познатиот хрватски театарски режисер Буљан ова ќе му биде четврто гостување на „Битеф“, каде што е присутен од средината на 1980-тите, најпрво како дел од публиката, потоа како млад театролог, член на жири, режисер… „Битеф“, како што изјави неодамна тој за српскиот весник „Блиц“, е дел од неговата професионална историја. Говорејќи за мотивот да работи, како што подоцна беше увидено, на пророчката претстава „2020“, Буљан истакнува дека сакал да работи на материјал што е инспиративен а иновативен.

– Бев понесен од идејата да работиме претстава што се темели на трите дебели книги на Харари, бидејќи тој во нив отвора некои суштински прашања, а суштинските прашања секако се во срцевината на театарот – вели режисерот, кој имал можност и претходно да се сретне и да рaзаговара со Харари, кога тој првпат гостувал во Љубљана, на претставувањето на книгата „Сапиенс“, кога бил млад и перспективен, ни приближно ѕвезда каква што е денес.
Ивица Буљан истакнаа дека во трите споменати книги, Ј.Н. Харари нуди многу материјал што му се чинел многу инспиративен и предизвикувачки, па тој собрал одлични актери, тим што со целото свое битие е подготвен да се занимава со многу фрагилни теми.
– Сите се прашуваа што од трите книги на Харари може да се инсценира. Да се слушне приказна – да, но да се игра… Инсистирав да не раскажуваме приказни туку да ги донесеме во нашиот театарски медиум. Го повикав во тимот и Ахмед Соура, кореографот од Буркина Фасо, уметникот што во својата животна приказна го содржи сето она за кое говори Харари. Тој од едно семејство погодено со војна во Буркина Фасо тргнал да се занимава со танц во земја во која сите танцуваат, но никој тоа не го гледал како можна професија… Тој, значи, од со војната разореното африканско село стигнал на современата светска танцова сцена и денес живее помеѓу Берлин и Брисел и, се разбира, родното место. Интелектуалец што учел не само од светските авторитети во таа област туку и од самиот живот.

Клучна нишка во претставата е важноста да се размислува за работите. Ако гледаш, можеш и да видиш. Ние во текот на работата цело време буквално собиравме знаење, како во училиште. Имавме дебата за вирусите од животинско потекло, која не беше врзана за короната туку за Харари, па генерациски прашања, па нешта што се однесуваат на медицината. Апокалиптичните теми и прашања со кои се занимаваме во претставата не се никаква пророчка дарба, туку работа на согледување, промислување. И тоа е она што Харари се обидува – да нѐ разбуди. Тој смета дека само просветувањето може да ги победи идолопоклонството, национализмот – вели Буљан.
Режисерот нагласува дека клучните фактори што ги нарушуваат работите лежат во човекот, во неговата нестабилна природа, дека крупниот капитал денес манипулира со човекот, но и дека таквиот капитал е човекова творба и работа на верување во фикција.

– Капиталот во суштина е фиктивен како и религијата. Марксовата максима дека религијата е опиум за народ може да се примени и на капиталот, и тој е опиум за народот. Дел од претставата е посветен на тоа разорно влијание на капиталот каде што се поставува прашањето како функционира светот по начелото на пропагандата, по начелото на зависноста и тогаш се говори за капиталистичките фикции. Харари го употребува моделот „пежо“, а ние можеме да зборуваме за „Мајкрософт“, „Епл“, како за фикција што станала тоа кога се одвоила од сопствената база и суштина. „Пежо“ во 17 век започнал како мануфактура што произведувала и поправала тркала за кочии, а денес веќе не ѝ се знае сопственикот. Во еден момент претставата говори и за разговорот на Харари и Закерберг, значи интелектуалецот што го проблематизира неолибералниот концепт и човекот што по богатство е фараон на 21 век. Голем дел од критиките упатени на Харари всушност се однесуваат на тоа дека станал ѕвезда на неолибералните политичари за тие всушност да го користат во одбрана на својот систем. Меѓутоа, неговата позиција е амбивалентна, а неговиот повик на фокусирање на суштината би рекол дека е клучен.

Имаме во претставата сцена што говори за трговија со робови. Во нашите средини нема особен расизам, но семето и видот на расизмот што постои во нив има еднакво упориште во глупоста и е еднакво опасен. Харари укажува дека единствено просветувањето може да доведе до ослободување. Поточно, до опстанок. За напредок веќе, всушност, и не се зборува. Само за опстанок. Ќе преживееме ако престанеме да веруваме во денес моќните заблуди. Работите немаат сила сами по себе, ние сме тие што со своите уверувања, однесувања и со одлуки им ја даваме – вели хрватскиот режисер, кому, како што истакнува и самиот, корона-паузата му направила „претумбација“ како и на другите.
На крајот на јуни во Хрватското народно казалиште во Загреб премиерно беше изведена неговата претстава „Кафка на брегот“, која Ивица Буљан ја работеше по истоименото дело на Харуки Мураками.