Театарот „Војдан Чернодрински“ со претставата „Figurae, veneris, historiae“ („Љубовни пози на историјата“) од Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска, вечерва настапува на 15 издание на Меѓународниот фестивал на глумци во Никшиќ.

Публиката има можност да ја проследи извонредната претстава која отвора бројни прашања во однос на војната, љубовта, интимата, политиката и моралноста.

Претставата „Figurae Veneris Historiae“, во која играат Димитар Ѓорѓиевски, Даниела Иваноска, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Катерина Чакмакоска Клинческа, Јасмина Мицовска Станкоска, Димитар Црцороски, Наташа Наумоска, Илија Волчески, Ангела Наумоска и Михајло Миленкоски, јасно покажува дека војната менува сѐ, тргнува во неочекувани правци, ги трансформира луѓето, ги прави ѕверови, непрепознатливи, различни од порано. Но колку и да изгледа парадоксално, вистинската сила која го придвижува дејството во оваа претстава не произлегува од суровоста и страдањето, туку од љубовта и силните емоции.

Кa.М.