Фото: Зоран Антоски

Драмската претстава „Лимонада во друштво на директорот“, која на 9 мај премиерно беше изведена на матичната сцена од Центарот за култура во Кичево, влезе во најтесниот избор на претстави кои ќе бидат дел од официјалната програма на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани, во конкуренција на 18 претстави за деца и возрасни. Кичевските драмски аматери пред кочанската публика ќе се претстават на 29 мај во домот на културата „Бели Мугри“ со почеток во 20 часот.

-Драмската претстава „Лимонада во друштво на директорот“, која премиерно ја изведовме на матичната сцена во Кичево на 9 мај, ќе биде дел и од Драмскиот аматерски фестивал во Кочани, што кон крајов на месецов ќе се одржи во овој град. Со овој избор навистина сме почестени, бидејќи се најдовме во силна конкуренција на драмски претстави на реномирани театри од Србија, Бугарија и нашата земја. Тимот кој ја игра оваа претстава е во интензивни подготовка, за во најдобро можно светло да се претстави на овој традиционален фестивал – истакна Михајло Петрески, режисер и носител на една од главните улоги.

Тој не запозна дека на барање на гледачите, оваа драмска претстава на матичната сцена ќе биде прикажана и по третпат, поточно на 17 мај, кога ќе добијат шанса сите оние кои не успеале да ги видат претходните две претстави.

З.А.