На 20 и 21 октомври, со почеток од 21 часот, во МКЦ ќе се одржат втората и третата изведба на претставата „Кожурец“, во продукција на независното здружение „Артопија“. Работена според вистинска приказна, претставата го отвара просторот на комплексните односи помеѓу премолчувањето и прозборувањето, барајќи го во театарскиот контекст јазикот да прозбори за внатрешните и надворешните механизми на сексуалната злоупотреба на деца. Претставата е своевиден емотивен пејсаж на една траума, преиспитување на репрезентацијата во театарот, збир на сцени, слики и песни, добиени како материјал од истражувачкиот процес.
Текстот и драматургијата се на Билјана Радиноска и Верица Недеска. Играат: Душица Настова, Кристина Леловац, Симона Спировска, Наташа Петровиќ. Режијата е на Билјана Радиноска.