Претставата „Вистинскиот запад“ по текст на Сем Шепард, а во режија на Борис Василески премиерно ќе биде прикажана вечерва и утревечер, во 20 часот во МКЦ.

Улогите ги толкуваат младите Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Мартин Манев како и добро познатата Тања Кочовска. Сценографијата и светлото се на Мартин Манев, костимографијата на Симона Даноска, музиката на Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски а постерот на Ана Јачева. Извршен продуцент е Ава Хусеини.

Драмата „Вистинскиот запад“ е номинирана за Пулитцерова награда во 1983 и како дел од овој проект за првпат на македонски јазик е преведена од Марио Стојаноски.

– Сте се фатиле ли себеси во момент кога правите нешто што е наметнато од општествените трендови и се пресметувате каква слика оставате во очите на другите? „Вистинскиот запад“ ја дава сликата на двете крајности, кога сакаме да бидеме дел од општеството и истовремено сакаме да се изолираме од лошо организираниот свет. Потребата да си најдеме свое место под сонцето не згаснува, а притисокот од „што сум направил до сега?“ не исчезнува – стои во најавата за настанот.

Билетите се достапни на билетарницата во МКЦ и онлајн преку следниот линк.

Следни датуми за изведба се во месец октомври. Проектот е поддржан од Министерството за култура.