Во списаниетo за поезија „Н.Ардис“, кое излегува во Москва, Русија, во препев на руски од Олга Панкина објавен е пообемен циклус песни од Славе Ѓорѓо Димоски. Олга Панкина, поетеса и директорка на Македонскиот културен центар во Москва е голем афирматор на македонската литература во руската јазична средина преведувајќи голем број македонски автори, меѓу кои „Големата вода“, од Живко Чинго, „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, „Папокот на сетот“ од Венко Андоноски, „Невестата на змејот“ од Влада Урошевиќ и др.
Осумнаесет одделни поетски книги на Ѓорѓо се објавени на други јазици, а одделни песни и поетски циклуси преведени се на над триесет јазици. За неговата поезија напишана е една есеистичка книга, а во Италија одбранет е магистерски труд. За својата поезија повеќекратно е наградуван во земјава и во странство, а меѓу наградите се „Браќа Миладиновци“ на СВП, „Ацо Шопов“, „Сергеј Есенин“, гран при на европската поезија, и двапати охридското највисоко признание „Св. Климент Охридски, патрон на Охрид“.