„Светулки“, по текст од Тена Штивичиќ, во режија на Драгана Милошевски-Попова е премиерната претстава што в сабота ја изведе театарот „Војдан Чернодрински“ при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. Претставата третира актуелни прашања што се поврзани со индивидуалното трагање на животниот пат и затоа, велат од театарот, драмата „Светулки“ од хрватската авторка Тена Штивичиќ претставува предизвик за секоја театарска продукција.
– Протагонистите се заглавени на еден аеродром, на пола пат до својата конечна дестинација и не можат да го продолжат патот поради неочекуваното невреме. Заглавени во таа транзит-зона, тие ги преиспитуваат своите животи, желби, своето минато, тоа за кое копнеат и тоа што сакаат да го заборават. Во една навидум едноставна и минлива состојба, тие носат силни одлуки што ќе им ги променат животот и целиот светоглед. Тена Штивичиќ е една од најпоставуваните хрватски авторки, која со својот ненаметлив стил дава искрена слика за тоа како изгледа животот во 21 век, преку призмата на различни секојдневни ликови претставени од неколку различни генерации и социјални профили.

Нејзини ликови се луѓето што ги среќаваме насекаде, со кои се разминуваме, со кои разменуваме мислења, со кои се дружиме, со кои го поминуваме нашето време… сите тие што минуваат низ различни аеродроми за да ја најдат својата конечна дестинација што ќе ги направи среќни. Претставата треба да ја оствари интимната врска со публиката преку откривањето на навидум едноставните, секојдневни животи во контраст со тежината што тие ја содржат и ја носат со себе – вели режисерката Драгана М. Попова.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Роза Трајческа-Ристовска, композиторка е Ирена Поповиќ-Драговиќ, драматурзи се Ивана Нелковска и Лидија Митоска Ѓоргиовска. За сценските движења и кореографијата е задолжен Игор Киров, а преводот на текстот е на Владимир Јанковски.
Во претставата играат: Даниела Иваноска, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Игор Трпчески, Марјан Чакмакоски, Марија С. Илијеска, Зоран Иваноски, Ангела Наумоска, Јасмина М. Станкоска, Наташа Ачански, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Димитар Црцороски, Елена Иваноска.
Ова е прва премиера на прилепскиот театар во 2021 година, од вкупно трите поддржани од Министерството за култура.