Министерот за култура Хусни Исмаили синоќа во Националната опера и балет присуствуваше на премиерната изведба на првата опера на албански јазик „Скендербег“ од композиторот Фатос Лумани.

Оперското либрето „Скендербег“ е базирано врз странски и албански автори што во нивните дела како протагонист го имаат ликот на Скендербег, кој во оваа опера се портретизира како врвен борец, патриот, но и како човек обземен со човечки и љубовни чувства.

Како солисти настапија Армалдо Клоѓери, Зана Абази Рамадани, Армандо Ликај, Васко Здравков, Нина Мухо, Никола Стојчески, Лиридон Садриу, Марија Наумовска, Мустафа Имери, Бесарта Муртезани, Исмет Вејсели, Сихана Бадивуку и Дрита Каба Карага.Во изведбата на операта „Скендербег“ учествуваа и хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл при Националната опера и балет.

Диригент е Олси Ќинамиа, режијата е на Ќендрим Ријани. Кореографијата е на Артан Ибершими, а костимите ги изработи Марија Пупучевска. Поставувањето на операта „Скендербег“ на сцената на Националната опера и балет се реализира со поддршка на Министерството за култура.