„Да, инспекторе, претстава со грешки“ по мотиви на текст од Хенри Џонатан Хенри, во режија на Синиша Ефтимов, ќe биде премиерно изведена на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“, вечерва, од 19.30 часот. Режисерот Ефтимов вели дека секоја претстава цели да изгледа совршено, без грешки или каков било недостаток што би ја извадил публиката од илузијата на тоа што се изведува на сцена.
– Но што ако нешто тргне погрешно, а потоа како лавина сѐ постепено почне да се распаѓа? Во секоја претстава, сите грешки актерите се обидуваат сѐ поуспешно да ги прикријат без публиката да забележи, ама во оваа претстава сѐ што можете и не можете да замислите се одвива погрешно. Аматерското друштво „Преродба“ е толку посветено во изведбата што не дозволува ништо да го спречи расплетот на криминалистичката драма „Македонско крваво буре“. Актерите преку своите ликови најдоследно што можат го следат текот на дејствието и сѐ што се одвива на сцена цели кон решавањето на мистериозното убиство. Убиецот мора да е некој од нив, а сите се толку сомнителни. Шоуто мора да продолжи! Како што расте тензијата за нерешливата мистерија, така расте и борбата на актерите да ја изведат нивната претстава доследно и докрај – вели режисерот.
Во претставата играат Илија Волчески, Димитар Црцороски, Катерина Чакмакоска Клинческа, Александар Тодески, Марија Спиркоска Илијеска, Михајло Миленкоски, Наташа Ачански, Игор Трпчески, Ангела Наумоска и Димитар Ѓорѓиевски.
Сценографијата и костимите се на Илина Ангеловска, драматург е Ивана Нелковска, преводот е на Дарко Јан Спасов, а тон-мајстор и дизајн на звук е Томе Темелковски.