Премиера на претставата „Партија реми“ на текст на Доналд Ли Кобурн, во режија на Виолета Џолева, ќе биде изведена вечерва, во 20 часот, во Драмски театар. Костимите се на Лидија Георгиева, сценографијата на Доротеа Ѓорѓиевска, а изборот на музиката е на режисерката. Играат: Велер Мартин, Ѓокица Лукаревски, Фонсија Дорси, Маја Вељковиќ-Пановска и др.

Драмскиот текст „Партија реми“ од американскиот драмски автор Доналд Ли Кобурн во 1978 година ја добива Пулицеровата награда за најдобар драмски текст, а актерите што ги играле улогите за најдобри актери таа сезона на њујоршката сцена. Еден човек и една жена во својата трета доба, како штитеници на дом за стари лица, преку играњето карти се запознаваат, остваруваат посебно пријателство и поврзаност. Додека трае партијата карти, која станува повод, но не и причина за средба, тие ги раскажуваат своите животи, згоди и незгоди, понекогаш тажни, понекогаш комични.
– Гледачот може да ја почувствува искрата на животот што како кандилце гори во нив, но и сознанието дека животот минува за секого и секогаш.

А секое ново „делење на картите“ станува метафора за шансите што во животот ги користиме или не! Трагикомичните ситуации во кои ќе се најдат двајцата фанатични играчи на реми понекогаш личи на арена во која се игра „игра за живот или смрт“, а публиката ужива следејќи ги и препознавајќи се. Сакам особено да им се заблагодарам на луѓето чии совети ја направија оваа приказна уште поубава: Мери Терзиева, директорка на домот за стари лица „Идила и Мери Терзиева“, Милица Стојанова, актерка, Невена Зубчевиќ, директорка на центар за рехабилитација во Кембриџ, Бостон, Кренаре Невзати, кореографка – вели Виолета Џолева.