На 29 март, долгометражниот игран филм „Незаборавна пролет во заборавено село“, во сценарио и режија на Куштрим Бектеши, ќе го има своето премиерно прикажување во киносалите на „Синеплекс“. Филмот е снимен во селото Ѓономаљ, во општината Корча (Албанија), и е во продукција на „Мануфактура продукција“ (Македонија) со продуцентот Сашо Павловски, во копродукција со „Медиа енд филм продукција“ (Косово) со продуцентот Мумин Јашари, „Ска-ндал продукција“ (Албанија) со продуцентот Генц Пермети, и „Скупифестивал“ (Македонија) со продуцентите Музбајдин Ќамили и Осман Ахмети.

Улогите во филмот ги толкуваат актери од Македонија, Албанија, Косово и Бугарија: Шкумбин Истрефи, Осман Ахмети, Ндричим Џепа, Луан Јаха, Салаетин Билал, Музбајдин Ќамили…

„Незаборавна пролет во заборавено село“ финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Центарот за кинематографија на Косово, Националниот центар за кинематографија на Албанија, Радио-телевизијата на Косово, Македонската радио-телевизија 2 и Радио-телевизијата на Албанија.