Премиера на првиот македонски мјузикл „Црно и бело“ ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во киното „Фросина“. Овој дипломски филм, како предизвик на филмското платно го постави Сандра Ѓорѓиева. Музиката и танцот со сите проблеми и предизвици го сочинуваат животот, црно-бел, на главниот лик, Јована, која ја глуми актерката Јелена Јованова. Таа е млада, вредна жена вработена во туристичка агенција, која им ги исполнува барањата на сите, со намера да биде прифатена и признаена од соработниците.

Сценариото, режијата и монтажата се на Сандра Ѓорѓиева, директор на фотографија е Дарко Елек, композитор Филип Стефановски, музички текстописец Тамара Котевска, кореографијата е на Ирена Лозинска, а тонската обработка на Сашко Потер Мицевски. Во актерската екипа се: Јордан Симонов, Жаклина Петровска, Жарко Димовски, Дејан Лилиќ… Филмот е во продукција на Факултетот за драмски уметности, копродукција „Мунлајт“, со поддршка од Агенцијата за филм.