Вечерва и утре со почеток во 19.30 часот, по пауза од две години, во Центарот за култура во Кичево ќе се случи една драмска премиера. Се работи за претставата „Лимонада во друштво на директорот“ на текст на Весна Куслеска, а во режија на Михајло Петрески, кој воедно е носител и на една од главните улоги.

-Се работи за една урнебесна комедија, во која содржината е земена од современото секојдневие и сметаме дека секогаш кога ќе ја погледнете, ќе ве натера повторно и повторно да ја погледате. Ако се има во предвид дека речиси две години нашиот аматерски театар нема подготвено ниту една драмска претстава, сметаме дека оваа претстава ќе биде полн погодок за сите оние во градот, на кои им е блиска театарската уметност – рече Михајло Петрески-Мики, режисерот на претставата.

Улогите во претставата ги толкуваат: Кристијан Илиоски-директорот, Михајло Петрески-заменикот, Весна Гаврилоска-секретарката, Тијана Решкоска-мајката и други. Карактеристично е и тоа што Зоран Никодиноски, со оваа претстава одбележува 50 години од првото учество во аматерскиот театар од Кичево и кој во оваа драма ќе ја игра улогата на Миро.

З.А.