Олимпискиот шампион доби документарен филмски запис насловен „Кобра“, чија премиера е вечерва, во 19 часот, во киното „Милениум“, во рамките на „Скопскиот филмски фестивал“. По монографијата „Патот на олимпискиот шампион“, освојувачот на златниот медал од Олимписките игри во Лос Анџелес во 1984 година, Шабан Трстена, е овековечен и во документарен филм во режија на Игор Иванов-Изи. Сашко Насев е сценарист, во соработка со шампионот Шабан Трстена, а продуцент е Тони Салковски и продукцијата „Скопје студио филм“.

Филмот ги опфаќа животот и делото на единствениот македонски олимписки шампион. „Кобра“ е трогателна приказна за единствениот спортист од Македонија што освоил олимписко злато, чии големи успеси никогаш не биле признаени од политичките авторитети и општеството.
Во филмот се појавуваат: Зоран Михајлов, боречки експерт, Насе Насев, поранешен селектор на боречката репрезентација, Ајруш Синани, тренер, Милош Вучидолов, доктор, Васил Тупурковски, поранешен претседател на МОК, Зоран Шоров, борач од Македонија, Ванчо Чифлиганец, поранешен претседател на ФБСМ, Ферид Мухиќ, филозоф, и членови на семејството Трстена.
На премиерата ќе присуствуваат Шабан Трстена и членови на екипата што работеше на реализацијата на овој филм.