Паркот кај МКЦ е доволно голем за да собере многу заинтересирани за премиерното прикажување на филмот „Сите ќе умреме“ на Сашко Потер Мицевски. Интересот за македонските документарни филмови на „Македокс“ секогаш е голем, но поради редуцираниот број столчиња, еден дел од публиката остана надвор од оградениот простор за реализација на фестивалот.

На премиерата на вториот филм на Сашко Потер Мицевски, претходно познат по првенецот „(Вон)земјанинот Ли“, присуствуваше комплетната авторска и продукциска екипа. Премиерата се одржа на 23 август во Парк МКЦ.

Филмот „Сите ќе умреме“ е реализиран во продукција на „Хауском“, во копродукција со ОХО. На фестивалот се прикажува во програмата Кратки документарци. Филмот третира веќе познати теми на економска несигурност и индивидуални егзистенцијални дилеми во локален, типичен балкански контекст, но преку еден по малку бизарен аспект на целокупниот општествен живот – погребалниот бизнис. Дејството се одвива во Штип.

– Штип е дувло на фрикови и има многу интересни ликови за снимање документарец. Затоа се вратив таму да снимам филм“, шеговито изјави сценаристот и режисер Сашко Потер Мицевски по проекцијата на филмот.

Идејата за филмот Мицевски ја добил уште во 2014 година од статија во весник за состојбите во погребалниот бизнис во Штип. Бидејќи и самиот имал опсесија со смртта и животот по смртта, одлучил да ја сними приказната. Главниот протагонист Зоран Сичев – Сиче првпат го гледаше филмот на премиерата и многу е задоволен како излегла целата работа. На проекцијата беше присутна и неговата сопруга, која исто така се појавува во филмот.

Во авторскиот и продукцискиот тим на филмот се директорот на фотографија Наум Доксевски, монтажерката Сандра Ѓеоргиева и композиторот Холи Бухаја. Продуцент е Илија Тирицовски, а копродуцент Пеце Талески.

Пред присутните во Парк МКЦ, копродуцентот Пеце Талески истакна дека на филмот работела млада екипа и дека „секогаш треба да се работи посветено, бидејќи уметноста останува и по смртта“, додека продуцентот Тирицовски, заблагодарувајќи на целата филмска екипа, на фестивалот „Македокс“ за проекцијата и на присутната публика, рече дека се надева „по гледањето на филмот сите да имаме малку повеќе почит кон мртвите и малку поголема доверба кон живите“.
На 24 август во летното кино на Кинотеката, во 20.30 часот, премиерно ќе биде прикажан етнолошкиот документарен филм „Нејзиното семејство 2010-2019“ на Елизабета Конеска, додека во Парк МКЦ во терминот од 21 часот премиерно ќе биде прикажан филмот „Професорот“ на Јордан Дуков.

Билети за проекциите во он-лајн продажба може да се набават преку мрежата mktickets.mk.Проекциите и настаните на отворен простор се организираат согласно протоколите за заштита од коронавирусот ковид-19:
– задолжително носење заштитна маска за време на целиот настан
– мерење температура при влезот во фестивалските простори
– одржување на растојание од 1,5-2 метри
– дезинфекција на рацете пред и по одржувањето на проекциите.