Долгометражниот документарен филм „101 улога 102 живота, Бајруш Мјаку“ во режија на Филип Херин, посветен на актерот Бајруш Мјаку, ја имаше својата македонска премиера на интернационалниот филмски фестивал во Тетово „Ода“, во Домот на културата во Тетово.

Впрочем, „101 улога 102 живота, Бајруш Мјаку“ е биографски филм за актерот, во продукција на „Еклипс 92“, по сценарио на Решат Камбери. Поддржан е од Агенцијата за филм. Актерот Бајруш Мјаку е роден во Качаник, Косово, во 1952 година. Во средината на шеесеттите доаѓа во Скопје и тука завршува гимназија во средното училиште „Зеф Љуш Марку“. Уште како средношколец почнува да статира и да игра некои улоги во тогашната Албанска драма, при Албанскиот театар во Скопје. Во Приштина студирал драмска уметност при Вишата педагошка школа во класата на професорите Фарук Беголи и Беким Фехмиу. Професионален актер станува од 1973 година.

Добитник е на многу државни и интернационални награди: три награди „Војдан Чернодрински“, две награди на Фестивалот на мали театарски форми, Врача, Република Бугарија, Награда за актер, на Фестивалот на камерен театар, Фиер, Албанија, наградата „Ристо Шишков“ за најдобар актер, на Фестивалот на камерен театар, Награда за колективна игра, на Експерименталниот интернационален театар, Каиро, Египет. Најзначајната награда на Мјаку е гран при на Фестивалот на монодрамата, Киев, Украина.