Македонската опера и балет вечер од 20 часот премиерно ќе го изведе балетот во два чина „Ана Каренина“ според романот на Лав Толстој, на музика на Петар Илич Чајковски. Кореограф е Лео Мујиќ од Хрватска, а диригент Бисера Чадловска.

Ликот на Ана Каренина ќе го игра Мими Поп Алексова-Атанасовска, во алтернација со Марија Кичевска-Шокаровска. Во ликот на Вронски ќе настапи Бобан Ковачевски, Каренин ќе биде Васил Чичијашвили. Сценографијата е на Михајло Стојановски и Сашо Стојановски, костимограф е Александар Ношпал. По премиерата вечер, балетот „Ана Каренина“ репризно ќе биде изведен на 29 декември, а потоа на репертоар од февруари.

МОБ најави дека симбиозата на два руски великана во класичната литература и музика, Толстој и Чајковски, е преточена во современа претстава од 21 век, која е сепак во класични рамки и со богата балетска лексика.

Кореографот Мујиќ,  кој првпат работи во Македонија, за изборот познатото класично дело од крајот на 19-тиот и почетокот на 20 век да биде основа на претставата, на прес-конференција рече дека покрај нови, балетот мора да опслужува и класични литературни и музички дела.

– „Ана Каренина“ припаѓа во опусот на општата култура. Експлоатирана е и во други медиуми – во театар и филм, но може да најде место и во балетот. Она што сè уште ја привлекува  публиката е приказната, односот меѓу ликовите и драмското дејство. А сето тоа  на прекрасна симфониска музика и делници тешки за свирење кои не се изведуваат во балет. Спојот ќе донесе прекрасна претстава – истакна Мујиќ.

Чајковски во својот опус често бил инспириран од делата на руската и светска класика, а никогаш не искористил дело од Толстој. Но, за  романтична приказна во „Ана Каренина“, која обработува вечни теми како љубов, прељуба, љубомора, одмазда, трагедија, музиката на Чајковски, според МОБ,  била најсоодветен избор.

Диригентката Бисера Чадловска посочи дека во претставата се искористени најубавите и познати делови од симфониите на Чајковски кои, рече, отсекогаш сакала да ги работи и дека со овој балет се исполнува нејзината дамнешна желба. Меѓу делата на Чајковски е и светски популарниот Концерт за виолина кој е многу тежок за изведба и, како што рече, се нафатил да го отсвири нивниот концерт-мајстор Климент Тодоровски.