Вo рамките на програмата „Македонски визуелни уметници“ на „КСП – Јадро“, вечерва ќе биде презентирано творештвото на уметникот Никола Узуновски во кафе-книжарницата „Буква“, со почеток во 20 часот. Тој е еден од 10-те избрани уметници од различни генерации, коишто континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои од „КСП – Јадро“ сметаат дека со своите дела, со темите што ги обработуваат и авторскиот интегритет се релевантни до денес.
– Серијата презентации на македонски уметници ја продолжуваме со преглед на творештвото на визуелниот уметник Никола Узуновски, преку неговите дела, кои се изложувани во земјата и во странство во последните две децении. Узуновски припаѓа на генерацијата автори што се активираат во новиот милениум, период кога станува алармантна ситуацијата со опстанокот на планетата и се актуализираат прашањата за смислата на уметноста, нејзината општествена улога и односот со науката и новите технологии.

Преку презентацијата, уметникот ќе направи преглед на делата создавани во различни медиуми, на различни теми, низ кои ќе ни овозможи увид во неговата методологија на работа, изворите на инспирација, важноста на колективната работа и едукацијата на полето на визуелните уметности и теоријата на уметноста, низ неговото лично искуство – најавија од „КСП – Јадро“.
Ќе бидат претставени некои од позначајните проекти на Узуновски, како што се: „Одејќи“, „Моето сонце“, „Соларни облаци“, „Сакај ја иднината“, како и контекстот во кои тие се настанати. Разговорот ќе биде модериран од историчарот на уметноста и куратор Владимир Јанчевски. Во него ќе стане збор, меѓу другото, и за некои позначајни меѓународни групни изложби на кои учествувал Никола Узуновски, како и околу неговата улога и учеството во активностите на уметничката иницијатива „Кооперација“.