Презентација на проектот „Активно кино за заедницата“

Настанот „Активно кино за заедницата“ ќе се реализира во железничка зграда во Скопје, денеска, од 11 до 15 часот. Употребата на одреден простор за културата, како еден сублимиран термин, подразбира разгледување идеи и можни сценарија за физичко и програмско уредување и реанимирање, како и можни намени за пошироката заедница. 

Киносалата во железничката зграда, покрај другите можности, може и да функционира како простор за заедницата (станарите на железничка зграда), но и како простор за креирање и реализација на културна и уметничка содржина, развиена во соработка со локални уметници и организации активни во полето на културата и уметноста.

Овие размислувања, кои се манифестираа во низа средби, работилници и разговори, се дел од проектот „Културни простори за активни граѓани“, поддржан од програмата „Цивика мобилитас“ и во организација на партнерите „Локомотива – центар за нови иницијативи во културата и уметноста“ од Скопје и „ФРУ – Факултет за работи што не се учат“ од Битола/Скопје. Тие во текот на 2017 и 2018 година, во соработка со станарите и куќниот совет на зградата, активно работеа на темата „Употреба на киното на железничката зграда“.