„Научната и уметничка визита – Охрид“ продолжува вечерва, во 20 часот, во Куќата на Уранија – МАНУ, со предавањето на д-р Трифче Сандев на темата „Шест степени одвоеност: мит или светот е навистина мал“. Негово поле на интерес и на истражување се природно-математичките науки, поконкретно физиката и математичката физика. Досега има учествувано на повеќе конференции, семинари, обуки и школи, во земјава и надвор, каде што презентирал дел од резултатите од неговата научна и стручна работа. Автор е на дваесетина научни и стручни трудови, од кои повеќето се објавени во референтни меѓународни списанија со фактор на влијание. Се јавува како рецензент на повеќе научни трудови во меѓународни списанија. Член е на македонското друштво на физичарите и на Европското друштво на физичарите. Добитник е на признанието „Најдобар млад научник“ за 2011 година, доделено од претседателот на државата, за објавени научни трудови во текот на 2011 година за физика, математика и применета математика во меѓународни списанија со фактор на влијание.