Викендов, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за филм, ќе се одржи првото издание на „Галичник филм-фестивал“, кој ја промовира уметноста на краткометражниот филм, но и нови филмски автори и нивните остварувања од регионот и пошироко.
Од пристигнатите повеќе од 2.000 краткометражни филмови од целиот свет беа селектирани 50 филма, во три натпреварувачки категории: игран, документарен и анимиран краткометражен филм. Ќе се прикажат неколку светски премиери, но и филмски наслови со учества на Венецијанскиот филмски фестивал, Фестивалот за краткометражни филмови во Палм Спрингс, Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, Берлинале, Санденс, ИДФА, Филмскиот фестивал во Сараево, сега достапни и за македонската публика. Една од новините што ги носи фестивалот е и филм што претставува филмувана верзија на театарска претстава – нова хибридна форма, која зазема сѐ поголем замав.

Домашните автори имаат значајно место во програмата. Ќе имаме можност да ги погледнеме филмските остварувања на режисерите Марко Џамбазоски, Ибер Деари, Горан Димов и Ајдин Ислами. Ќе се одржи и работилницата за развој на сценарио за долгометражен филм. На отворениот повик за автори од регионот беа избрани четири проекти, меѓу кои и проект од нашата земја „Слатката горчина на зрелите калинки“ на Андреј Волкашин.
Програмата на фестивалот годинава ќе се одвива целосно онлајн. В година, фестивалот се враќа на својата основна идеја за организација на проекции под отворено небо на 1.500 метри надморска височина во прекрасниот Галичник, кој ќе стане дом на фестивалот.