Лука Романели, италијански гитарист, победник на „Тремоло“

Лука Романели, класичен гитарист од Италија, е добитник на првата награда на неодамнешниот меѓународен фестивал за класична гитара „Тремоло“, единствениот од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во класичната гитара. Годинава фестивалот го реализира своето 12-то издание, од 17 до 23 мај, во организација на детскиот културен центар „Карпош“, со поддршка на Град Скопје.

Добитник сте на првата награда на фестивалот за гитара „Тремоло“ во Скопје. Верувам дека тоа беше предизвик за сите учесници на натпреварот, вклучувајќи ве и вас?
– Првиот предизвик што го имате кога сте на натпревар е оној – со самиот себе.
Интернационалното жири имаше многу тешка работа, на крајот да избере еден победник. Дали се надевавте дека ќе ја освоите главната награда? Што ви значи ова признание?
– Навистина се надевав, но тоа, сепак, беше неочекувана победа, бидејќи денес онлајн натпреварите се како скок во непознатото. Учите да свирите најдобро што можете, но, сепак, не знаете како е кога ќе имате човечки контакт со учесниците, со жирито. Но сето тоа ви дава уште поголемо задоволство доколку победите.
Евалуацијата на натпреварувачите се заснова на процена на следниве елементи: техничка вештина, квалитет на звук, стилски одлики и музикалност, точност на изведбата… Што ви е вам најважно кога свирите?
– Сите овие елементи се важни, но во различни моменти во вашата изведба. Честопати луѓето го слушаат само последниот дел од изведбата, последниот резултат. Јас изведбата ја започнувам уште пред да почнам да свирам, во мојот ум, замислувам како може да биде изведено одреденото дело, размислувам за стилот во кој ќе го отсвирам, за времето во кое било напишано, за тоа каков треба да биде мојот звук кога ќе свирам… Но, конечно, на самиот концерт, повеќе не мислам на ништо од сево ова, само почнувам да свирам, уживајќи ако резултатот е блиску до моето предвидување и ако на публиката успеам да ѝ ја пренесам мојата идеја за музика во делото.
Главната цел на фестивалот „Тремоло“ е едногодишна перцепција на ефектите од работата на музичките училишта (ученици и наставници по музика) врз инструментот гитара, дружење и размена на искуства на ученици и наставници од нашата земја и странство. Какви искуства понесовте вие од овој натпревар?
– Одењето на фестивал е како патување на надградба, особено кога одите надвор од вашата земја. Можете да посетите нови градови, да се запознаете со локалната музика, да сретнете нови луѓе. Притоа, добивате поттик и нови идеи, споделувате мислења, дискутирате. Навистина е штета што оваа година живеевме само на екран.
Започнавте да студирате класична гитара на единаесетгодишна возраст. Кажете ни нешто повеќе за вашето образование и за тоа колку ви е важно да имате добри основи.
– Почнав во моето основно училиште, во класот по музика. Потоа се запишав на студии на Конзерваториумот. Во овие повеќе од десет години слушав сè, музика и совети, ја искажував мојата љубопитност за сите видови на информации. Благодарен сум му на мојот учител М. Пјетро Антинори, кој е жив пример за професионализам, како и на татко ми и мајка ми, за поддршката што ми ја даваат секојдневно.
Сте присуствувале на голем број мастеркласови и напредни курсеви што ги одржуваат мајсторите на гитара. Колку ви помага тоа и која е најважната лекција што сте ја научиле?
– Доста доцна започнав да учествувам на мастеркласови, откако дипломирав. Потоа патував во Австрија и во Германија, каде што ги продолжив студиите, и тоа ми даде можност да запознаам некои од најважните класични гитаристи на светот. Лично, секој од нив ми дал по нешто, некоја финеса или совет, пример што можам да го следам или не. Верувам дека најважната лекција е да останеш свој. Еден млад студент може да го изгуби својот музички идентитет по толку многу мастеркласови, но еден млад музичар мора да одлучи во одреден момент и да преземе одговорност, да почне да одлучува сам. Тогаш, сите тие искуства би можеле да му послужат како фундамент, во иднина.
Пред фестивалот во Скопје сте учествувале на голем број музички натпревари и сте освојувале многу награди. Кажете ни нешто повеќе за овие искуства.
– Јас лично повеќе ги ценам концертите отколку натпреварите, но мојот прв соло-настап бил како учесник на натпревар. Секогаш кога учествувам на натпревар, се чувствувам живо: секоја сензација, дури и трауматична, е поинтензивна од онаа во нормалниот живот. Дишете и мислите со адреналин. Но тоа не е секогаш позитивно. Често мислам дека зад секоја награда се кријат голем број неуспеси и грешки. Минатиот викенд, по учеството на „Тремоло“, освоив и награди на натпревари во Шпанија и во Русија. Три награди за три дена. Тоа се чудата на интернетот!
Имате интензивна концертна активност како солист, но како ја поминавте оваа последна пандемиска година?
– Ми беа откажани голем број концерти во Шпанија, Германија, Албанија, Франција и во Италија. Но ми беше многу интересно што почнав да предавам гитара во основно училиште. Исто како што и јас започнав пред многу години. Ова ми даде нова мотивација и направи музички да пораснам во текот на минатата година. Затоа што кога предавате, мора јасно да ги разграничите вашите идеали и идеите што сакате да им ги пренесете на учениците. Мора да се познавате себеси и да преземете одговорност.
Кои се вашите идни планови, што е следно на професионален план?
– Ми недостига свирењето на концерти во живо. Засега се обидувам да се организирам и да ги реализирам откажаните настапи, на пример ќе свирам во Мадрид, во „Театро реал“, во март наредната година, па сакам добро да се подготвам за тоа. Потоа се забавувам со онлајн натпревари и снимање видеа. Но сѐ уште не можам да го видам моментот кога ќе се вратам на сцената, кога ќе ги почувствувам сите мои искуства трансформирани во музиката и ќе ѝ го пренесам целиот мој свет на јавноста. Тоа е целиот мој живот!