Филхармонија во периодот од 1 до 6 октомври за првпат ќе гостува во Израел, земјата во која се прелеваат музичките влијанија од целиот свет.

Директорот Виктор Илиевски вели дека очекува во Израел да се претстават со ист жар, интензитет и врвна изведба како на турнејата во Кина.

Пред израелската публика Филхармонија ќе се претстави со три концерти во градовите Ерусалим, Ришон Ле Цион и Од Хашарон. Оркестарот на филхармонија ќе настапи на две фантастични сцени – во Ерусалим во познатата сала „Хенри Краун“, матична сцена на Ерусалим симфони оркестра и во Ришон Ле Цион во близина на Тел Авив на матичната сала на Израелскиот симфонски оркестар.

Концертите ќе ги води маестро Јерухам Шаровски со кого Филхармонија има одлична соработка, а како солистка ќе настапи виртуозната израелска виолончелистка Даниеле Акта.

– Невообичаен беше начинот на кој ја договоривме оваа турнеја, за релативно кусо време успеавме да ги договориме трите концерти на Филхармонија во Израел. Тоа е толку нетипично за мојата земја во која неколку години однапред се договараат сите гостувања. Но моето искуство говори дека најдобрите гостувања се реализирале токму на истиот начин како што ја договоривме оваа турнеја – вели маестро Јерухам Шаровски.

Исклучителната израелска виолончелистка Даниеле Акта со оркестарот на Филхармонија ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар од Едвард Елгар.

– Даниеле Акта е чудо од дете, ја познавам уште од мала, иако и сега има само 17 години, а зад себе има исклучителна солистичка кариера и настапи со најдобрите оркестри во светот. Неодамна ѝ беше доделен на користење исклучителен инструмент ‘Страдивадиус’, кој чини три милиони евра. За жал, на овој инструмент нема да свири во Израел, но со него ќе дојде на концертот во Скопје, па вашата публика ќе има исклучителна можност да ја чуе нејзината изведба на овој посебен и редок инструмент – вели Шаровски.

Пред публиката во Израел, оркестарот на Филхармонија ќе се претстави со два различни програмски концепти.

– На програмата на оркестарот се „Тешкото“ од Глигор Смокварски, Симфонијата бр. 9 „Од новиот свет“ од Антонин Дворжак и Концертот за виолончело и оркестар од Едвард Елгар. На концертот на отворено во Од Хашарон оркестарот ќе ја изведе Увертирата „1812“ од П. И. Чајковски, како и „Руслан и Људмила“ од Глинка и „Кол Нидреи“ за виолончело и оркестар од Макс Брух – вели продуцентката Роза Нолчева.