Првата самостојна изложба на Иван Серафимов со наслов „Од сон на јаве“ ќе биде отворена на 30 мај, во 19 часот, во Кинотека на Македонија.

Иван Серафимов (роден 1943 г.), пред 30 години почнува да изработува македонски касели, како дел од македонската семејна традиција во која невестите го носеле својот чеиз. Македонската народна носија и нејзината разноликост го поттикнуваат да ја пренесе на дрво како слика. Црта пафти и ги украсува со копаничење и акрилни бои. Богатата македонско-црковна орнаментика му е предизвик и понатаму да ја пренесува во свој стил на неговите слики. Последните десет години на своите слики го прикажува секојдневието од својот живот. Слика на платно со акрилни бои. Учествува во формирањето на секција за уметничко домашно ракотворење во Здружението на занаетчии во 2001 година, каде што е првиот претседател. Како член на АТА, а подоцна и на МАТА, учествува на групни презентации во Скопје, Сараево, Букурешт, Битола, Делчево, Охрид и др.