Стрипот насловен „Круг“ му ја донесе првата награда за најдобар стрип „лифт“ од книгоиздателството „Темплум“ и ОХО, на средношколецот Никола Панов од Штип, кој, освен што ја изненади публиката, го изненади и жирито со својот талент и зрелост. На прашањето што значи оваа награда за него и дали служи како мотивација за идно творештво, тој вели дека таа е од големо значење за него и, секако, е потврда за неговиот труд.

– Во сферата на уметноста ситуациите не ги гледам како мотивација, бидејќи ова е мојот начин на живот. Секојдневно работам на моите идни проекти. Со цртежот како медиум започнав да се занимавам од рана возраст и постепено се разви и љубовта за стрипот. Кога имав петнаесет години, цртав карактери со црно мастило, па како последица на стилот ми се отвори патот кон стрипот. Тогаш почнав да читам стрипови, а подоцна ги нацртав првите стрип-табли. Освен за стрип, се интересирам и за графички дизајн, сакам да правам постери, илустрации, логоа и слично – вели Панов.
Тој додава дека инспирацијата за своите дела ја гледа секаде наоколу и доаѓа од разновидни влијанија.

– Од животот, од околината, од некој филм, цртан, книга или стрип. Сето ова е склопено и искомбинирано – вели Панов.

Освен на овој натпревар за најдобар стрип, Никола учествувал и на голем број други натпревари и конкурси, а на конкурсот одржан во чест на Кочо Рацин ја добил првата награда во категоријата „Најдобар цртеж“. Творештвото на Никола не застанува тука, овие успеси се само почеток на една кариера во цут. Тој ни открива дека до крајот на годината ќе има и промоција на неговиот прв стрип-албум.