Поетесата Ана Ахматова, музата на Модилјани

Таа го исполни речиси целиот дваесетти век со својот необичен талент, а нејзините стихови сè уште го наоѓаат патот до срцата на љубителите на поезијата. Убава, нежна, чувствителна, многу талентирана, Ана Ахматова, првата дама на среброто време, муза на Модилјани, жена со божествена инспирација, на која ѝ се восхитувале Цветаева и Пастернак, почина пред точно 55 години…
Животот не ја милувал, по волшебното детство на Крим, започнале личните трагедии: заминување на таткото од семејството, смртта на сестрите, стрелањето на помалиот брат, апсењето и смртната казна на поранешниот сопруг, логорот на синот, цензура, предавство, забрана за печатење книги… Многу од нејзините дела не можеле да бидат објавени во Советска Русија не само за време на нејзиниот живот туку дури и 20 години по нејзината смрт.
Таа ги преживеала револуцијата, двете светски војни, блокадата на Ленинград и сето тоа се одразило во нејзината работа. Поезијата била сè за неа. Првите стихови ги напишала на само 11 години и ги објавила во Париз во списанието „Сириус“, за чиј уредник, поетот Николај Гумиљов по две години ќе се омажи. Поминале уште две години пред таа да стане славна. Во 1914 година, било модерно да се читаат стиховите на Ана Ахматова, не само во Советскиот Сојуз. И тогаш следувале разводот, потоа војната, нов брак, апсењето и стрелањето на нејзиниот прв сопруг во 1921 година, за што целиот живот се чувствувала виновна од причина што Гумиљов дошол во СССР заради неа.

Наскоро, синот Лав, исто така, ќе биде во логорот на Сталин. И повторно војна, блокада на Ленинград, глад, болести, евакуација. Крајот на војната ќе го дочека во Ташкент со нова збирка стихови.
Во 1949 година, Лав Гумиљов повторно бил уапсен и осуден на десет години тешка работа. Тоа ќе биде нејзиниот кошмар и најтешкиот удар во нејзиниот живот, и не затворот на нејзиниот син, туку неговиот гнев и неверување дека таа, најголемиот поет од тоа време, не може да го спаси од логорот. Тој верувал дека таа не го бранела доволно, иако направила сѐ што можела.
Нејзиниот приватен живот е претежно познат, љубовта се рефлектира во нејзината поезија, писма, дневници… Само една епизода ќе остане без трага во нејзината креативна работа. Да не беше сликата на Амадео Модилјани, никој немаше да се знае за нивната средба. Критичарите подоцна ќе речат дека нејзината поезија станала посвежа по средбата со него во Париз, а Египќанките на неговите слики ќе го добијат ликот на Ана Ахматова.

И двајцата „гласно молчеле“ за големата љубов. И таа љубов, според кажувањата, почнала од Париз, додека Ана и Гумиљов биле на меден месец. Тој брак не бил среќен во тој момент, па се појавил еден млад, тогаш сè уште непознат сликар со која Ана шетала и му се восхитувала на Париз. Сепак, таа се вратила во Русија со нејзиниот сопруг, кој честопати ја оставал сама, заминувајќи со други музи. Лута и разочарана, за време на едно од неговите отсуства, таа заминала во Париз и поминала извесно време со Модилјани, обиколувајќи ги „Лувр“, улиците, галериите, шетајќи на дожд. Оттаму, таа си заминала со 16 слики, нејзини портрети, кои уметникот ѝ ги подарил, а таа ветила дека ќе ги чува. Сепак, спасила само една, а за другите се верува дека изгореле во пожар.
И, можеби, некои познавачи на нејзиниот живот и дело велат дека немало љубов со Модилјани, дека „Голата Ана“ е плод на имагинацијата на уметникот. Како и да било, Ана Ахматова останува жена со божествен талент и инспирација. Таа беше номинирана за Нобелова награда, а малата планета Бр. 3067 откриена во 1982 година во Кримската опсерваторија го доби името по неа.