Решена мистериозна смрт по 3.000 години

Мистеријата на насилната смрт на праисторискиот човек што живеел на тлото на денешна Јапонија е решена дури по 3.000 години. Студија објавена во научното списание „Журнал оф археолоџикал сајанс“, по методично истражување, открила дека виновникот за смртта е ајкула, што го прави најстара досега откриена жртва на ајкула. Остатоците од скелетот на праисторискиот човек имале повеќе повреди на коските, а нападот, со помош на современата технологија, е реконструиран до фрапантни детали.
– Во нападот најверојатно ги изгубил десната нога и левата дланка, а и неговите други рани биле фатални, бидејќи се пронајдени 790 траги од заби што достигнуваат до коските – велат истражувачите, кои ги предводел универзитетот „Оксфорд“.
Тој древен несреќник што најверојатно умрел од обилно крвавење, тимот од научници го нарекува досега најстара потврдена жртва од напад на ајкула. Постојат понови списи, грчки од петтиот век, и цртежи од напад на ајкула од осмиот век пред новата ера, а има и други случаи што ги утврдила археологијата, иако се исто така понови од јапонскиот. Радиокарбонското датирање го сместило оштетениот костур помеѓу 1370 и 1010 година пред новата ера, во времето на ловците и собирачите наречени Џомен, во праисторијата, кога веројатно ловеле и ајкули. Се проценува дека човекот чиј костур е најден бил висок нешто повеќе од 1,5 метар.

Докторантката по археологија Џеј Алиса Вајт и професорот Рик Шалтинг од „Оксфорд“ првпат се сретнале со таа жртва на ајкула во рамките на поголемо истражување на насилните повреди на остатоците од костури на ловците и на собирачите на јапонскиот архипелаг. На Универзитетот во Кјото, тие двајца научници наишле на костур наречен „Бр. 24“. Ископан е околу 1920 година од гробиштата Тсукумо во Окајама, на југот на Јапонија, во близината на морето Сето. Отпрвин истражувачите ги збуниле масивните повреди на тој човек. Длабоките назабени парчиња во различни големини и облици ги прекриваат коските, левата дланка е откината, а десната нога недостига. Не им било јасно како и зошто некој друг човек би му нанел толку тешки повреди, или дали тоа би можеле да бидат последици од напад на некое животно.
Низ процес на елиминација, истражувачите почнале да се сомневаат на ајкула. Ги истражиле современите форензички податоци за нападите на ајкулите заради прецизно утврдување на нивните траги и се консултирале со Џорџ Буржес, директорот на програмата „Флорида“ за истражување ајкули, кој се согласил со нивната процена дека ајкулата го повредила тој човек. Научниците го рекреирале образецот на повредите на костурот „Тсукумо бр. 24“ на компјутерскиот 3Д-модел на човечкиот скелет. Ранетите места укажуваат дека тој бил жив во моментот на нападот и дека можеби ја изгубил дланката додека се обидувал да се одбрани.

– И понатаму сме во вода ранливи на ист начин како што бил „Тсукумо бр. 24“ и постапуваме исто – рекла Алиса Вајт.
Коавторот на студијата Марк Хадсон, истражувач од институтот „Макс планк“ во Германија, пак, посочил дека не е сигурно дали „Тсукумо бр. 24“ ловел ајкули, или ајкулата што му го одзела животот била привлечена од крвта на некој друг негов улов или од мамка.
– Било како било, ова откритие не само што обезбедува нов поглед на древната Јапонија, туку е и редок пример на можностите на археолозите да реконструираат некоја драматична епизода од животот на праисториската заедница – рекол Хадсон.
Истражувачите можеле толку детално да го опишат нападот бидејќи скелетот пред еден век бил најден во одлична состојба. Остатоците од телото „Тсукумо бр. 24“ биле погребани во еден куп школки во склад со обичајот на народот Џомен. Бидејќи, како што се заклучува, човекот брзо бил изваден од морето и погребан, истражувачите сметаат дека во риболовот бил со други што се обидувале да му помогнат по нападот. Врз основа на трагите од забите, научниците веруваат дека го нападнала тигар-ајкула или бела ајкула. Во тоа подрачје се најдени остатоци од двата вида. Нападот на ајкулата претставен во текстот е само еден мал дел од поголемото проживеано искуство на народот Џомен со ајкулите.