На малата сцена во Македонската опера и балет во рамки на фестивалот Денови на македонска музика вечер ќе биде праизведена камерната опера во еден чин „Помеѓу соништа и летови“ по музика и либрето на Горан Начевски.

Ќе настапат камерен хор и камерен оркестар. Диригент е Иван Еминовиќ, режисер Љупка Јовановска, сценограф Зоран Николовски, костимограф Бранкица Јордановска и кореограф Маја Каревски.

Во улогите се сопранистката Александра Лазаревска-Василевски (Ѕвездата), тенорот Дејан Стоев (Таткото) и баритонот Невен Силјановски (Патникот). Учествуваат и двајца балетски играчи.

– Поднаслов на делото е „Сценска лирска фантазија“ – целта е секој од публиката да донесе свое толкување и заклучок од случувањата во приказната. Во либретото секој од нас ќе ја пронајде својата верзија од приказната. Приказна за моментот кога не сме сигурни што е сон, а што вистина, или за тоа кој е реалниот, а кој замислениот свет. Приказна без почеток, но со среќен крај, како спротивност од трагичните завршетоци на најголемиот број дела од оперската литература – соопшти СОКОМ, кој го организира фестивалот.

Влезот за претставата е слободен.