Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп вечерва премиерно на матичната сцена со почеток во 20 часот ќе ја изведе претставата „Казимир и Каролина“ од Еден фон Хорват, во режија на Нела Витошевиќ. Претстава што говори за духовната и материјална криза што ги крши човечките соништа.

– Се работи за љубовна приказна што ги поставува прашањата колку љубовта е условена од економскиот аспект и дали таа може да постои во време на материјалнава криза и колку трае кога ќе се појават проблемите. Дејството во претставата се случува во 1930-тите години, во време на големата депресија во Германија и практично низ оваа љубовна приказна се опфаќаат сите слоеви во општеството. Имаме палета од различни групи луѓе прикажани со сите мани и проблеми, скршени соништа во таа голема светска депресија, која потсетува на духовната криза што денес ја живееме – вели Нела Витошевиќ.

Текстот „Казимир и Каролина“ на Еден фон Хорват првпат се изведува во Македонија.
– Напишан е во 1932 година. Досега е игран со голем успех низ светот и мене ми е драго што првпат го поставувам во Македонија. Се надевам дека ќе биде интересен за публиката, како и стилот на игра што ќе го понудиме. Во суштина имаме стилизација со мала пренагласеност наспроти вистински емоции – посочува режисерката.

Автор на музиката е Огнен Анастасовски, костимите се на Роза Трајческа, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Играат Димитар Ѓорѓиевски, Катерина Чакмакоска, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Ангела Наумоска, Никола Настоски, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Наташа Наумоска и Јасмина М. Станкоска.