По повод месецот на Франкофонијата, Амбасадата на Швајцарија и Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Општина Прилеп, денеска организираат значајна манифестација во чест на Никола Бувие, патеписец, швајцарски автор кој престојувал неколку недели во Прилеп.

Во 12 часот во кино „Мис Стон“ при ЦК „Марко Цепенков“ за учениците од Гимназијата „Мирче Ацев“ ќе биде прикажан документраниот филм „Враќањето на Бувие“ од авторот Јордан Плевнеш и Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Скопје.
Манифестацијата продолжува попладнето во 18 часот во кино „Мис Стон“ каде што најпрво ќе се одржи проекцијата на документарниот филм „Бувот и китот“ на Патрисија Платнер (1993), а потоа ќе следи и обраќањето на Јордан Плевнеш, писател и драматург, за пријателството со Бувие.

Во 19 часот во изложбениот салон ќе биде поставена изложбата на фотографии „Патување во слики“. По овој повод, Библиотеката од Женева отстапува фотографии и други документи за овој значаен патописец, а ќе бидат презентирани и творби изработени од учениците во гимназијата „Мирче Ацев“.

Никола Бувие е швајцарски писател со светско реноме, кој на двапати го има посетено Прилеп. Тој е еден од клучните духовни фигури на 20 век, кој остави неизбришиливи траги што влегуваат во архивите на модерната цивилизациска меморија. Познат е по патеписното дело „Употребата на светот“ во кое го опишал првиот престој во Прилеп во 1953 година.

Вториот пат во Прилеп Бувие престојуваше во 1995 година. Имав можност да се сретнам со него при што ми посочи, како на новинар, дека тоа биле убави денови на престој, дека се уште го чувствувал духот на прилепскиот мајтап и дека се радува што повторно дошол тука.

Ка.М.