Вечерва, со почеток во 20.30 часот, на зелениот покрив на домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје, ќе се одржи поетската манифестација „Празник на липите“, во организација на Друштвото на писателите на Македонија.
На свеченоста ќе им биде врачена наградата „книжевен жезол“ за поетски опус со високи естетски вредности на македонскиот поет Иван Џепароски и на српскиот поет Душан Стојковиќ. Творештвото на Џепароски ќе го претстави Наташа Аврамовска, а за странскиот лауреат ќе говори Христо Петрески. Присутните ќе добијат примерок од повеќејазичната збирка поезија од двајцата лауреати, специјално подготвена за оваа манифестација.
Во вториот дел од манифестацијата ќе се чита поезијата пристигната на Конкурсот за најдобра песна на „Празник на липите 2021“, по што ќе биде соопштена и победничката песна.
Манифестацијата се организира под покровителство и со финансиска поддршка на Град Скопје.