Денеска со почеток во 12 часот на платото пред Младинскиот културен центар ќе се одржи традиционалната поетска манифестација „Празник на липите“, во организација на Друштвото на писателите на Македонија, според протоколите за организирање културен настан во услови на пандемија.
На свеченоста ќе му биде врачена наградата „Книжевен жезол 2020“ на македонскиот поет Михаил Ренџов, а за неговиот поетски опус ќе говори Владимир Мартиновски.
Ќе биде прочитано и писмото од странскиот добитник на жезолот, словачкиот поет Мирослав Биелик, кој поради пандемијата не беше во можност да допатува во нашата земја.
Со стихови од своите најнови стихозбирки ќе се претстават поетите Христо Петрески, Пајо Авировиќ и Сузана В. Спасовска, а потоа ќе настапат поетите што учествуваа на конкурсот за најдобра песна на манифестацијата оваа година.
Присутните ќе имаат можност да добијат примерок од збирката поезија од двајцата лауреати, специјално подготвена за оваа пригода.