Фестивалот на Југоисточна Европа, СЕЕ ФФ 2021, што се одржува 11 години, од кои 6 во Берлин, од годинава имаше своја презентација и во главниот град на САД, Вашингтон. Фестивалот се организира во соработка со универзитетите: Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО од Париз, Хумболд од Берлин, а од оваа година на оваа иницијатива се приклучија и American University и Пламен Прес од Вашингтон.

Оваа година, во официјалната конкуренција на играни филмови избрани се македонските филмови „Ефектот на среќата“ од Борјан Зафировски, и „ТМ“ од Мартин Иванов и Ивица Димитријевиќ.

Покрај покровителството од Министерството за култура на Република Франција, Министерството за култура на Црна Гора, со официјално писмо од министерката проф. д-р Весна Братиќ до претседателот на фестивалот Јордан Плевнеш, објави дека ја продолжува традиционалната поддршка на фестивалот како еден од најважните промотори на културата на земјите од Југоисточна Европа во европските и светските центри.

Овогогишната богата програма од играни, документарни, кратки и анимирани филмови, предизвика голем интерес кај американската и европската публика. Американското жири во состав Роман Костовски, претседател, Џеклин Хедингтон, Партисија Корбет, наградата за најдобар игран филм му ја додели „Мрзливец“ од Црна Гора, во режија на Алекса Стефан Радуновиќ. За најдобар актер беше прогласен Саво Шчепановиќ од истиот филм, а најдобра актерка Марина Аргириду од Кипар.

Наградата за најдобро сценарио (Норберт Кебли) и режија (Атила Шаш) му припаднаа на унгарскиот филм „Неверојатни приказни“, за најдобар документарен филм беше прогласен „Тестамент на едно време“ од БИХ, најдобар краток филм „Посета“ од Грна Гора, во режија на Ѓорѓе Војводиќ, а за најдобар анимиран филм, македонскиот „Ритамот на падот“ од Ѓорѓи Митревски.

Европското жири на фестивалот, за Париз и Берлин, во состав Фроса Пејоска-Бушро, претседател, Фредерик Фапани фон Лотринген, Ив Русле, наградите за најдобар филм и најдобра режија му ги додели на унгарскиот филм „Неверојатни приказни“ од Атила Шаш, а додека наградите за најдобар актер и најдобра актерка го понесоа Петар Божовиќ од Србија и Вика Керебеш од Унгарија. Наградите за најдобро сценарио ги добија: Маринос Картикис „Постар граѓанин“ од Кипар, најдобар краток филм, црногорскиот „Виножито“ од Александар Вујовиќ, а најдобар документарен филм „Дали излегуваш“ од Хрватска. За најдобар анимиран филм беше прогласен македонскиот „Карантин“ од Иван Андреевски.

Во досегашната историја на оваа манифестација која стана културен прозорец на новите имиња на синеасти кои за првпат ги презентираат своите остварувања во двата најголеми центри на Европа, досега се прикажани над стотина играни и поголем број документарни, кратки и анимирани филмови.