Загорка Поп-Антоска Андовска, драматург и драмска авторка, коосновачка на академијата ДАСТА, е сѐ поприсутна фигура на полето на студентскиот филм. Минатата недела, ДАСТА одбележа јубилеј, во чии рамки беа прикажани шест краткометражни филмови во продукција на центарот. Поп-Антоска Андовска, освен како раководителка на програмите на ДАСТА, директно е инволвирана како во продукцискиот, така и во креативниот процес на филмските дела, со единствена цел да се даде максимална поддршка и поттик за творештво на младите автори.

Што претставува ДАСТА во образовниот и во културниот свет?
– Уште при своето основање имаше цел активно да дејствува како едукативен центар, преку организација на настава во доменот на уметностите во форматот на неформалното образование. Голем предизвик беше ДАСТА да се профилира и како културен простор, особено сега откако е лоциран во општината Аеродром. На оваа сериозно голема општина ѝ треба културен центар, каде што би се одржувале поетски и драмски читања, филмски проекции, изложби, трибини и дебати… Изминативе години напорно работевме да им дадеме поддршка на младите автори во процесот на создавање на еден културен производ. Во нашето портфолио, ги впишавме двете театарски претстави „Кафез“ во режија на Ирма Башеска Ристовска и „Чиста хероина“ во режија на Ѓорѓи Ризовски, документарните филмови „Мојот татко“ на Ирма Башеска Ристовска, „Да се биде Максут“ на Нихал Бејадин, „Боројевиќ“ на Мите Спасовски, како и пет краткометражни играни филмови.

Како се покажува ефективноста на центрите што нудат неформално образование, наспроти акредитираните факултети и академии?
– Тоа се паралелни и независни форми на едукација. Сите знаеме што е формално образование, а неформалното (за возрасни) кај нас е нешто ново. Неформалното образование може да биде прекрасно дополнување. Низ светот луѓето се многу динамични и покрај завршеното формално образование постојано посетуваат различни програми, обуки, кои им помагаат полесно да стекнат стручност во некоја дејност, а со тоа и полесно да најдат работа. Човек никогаш не треба да престане да се образова. Особено сега, кога живееме во многу динамично време, неформалното образование може да помогне во доквалификација или преквалификација на индивидуата. Кај нас, овие програми се релативно нови како некаков тренд во пораст, но во светот постојат над 20 години.

Работите и со ученици, како изгледа креативниот процес на создавање еден филм со толку млада екипа?
– Задоволство е што имам шанса да работам со толку талентирани и посветени тинејџери на возраст меѓу 13 и 16 години, која е многу специфична. Ниту се мали, ниту се големи, па навистина е предизвик да се пронајде тема што е соодветна за таа возраст. Интенцијата е подготовка на млади филмаџии (актери, сценаристи, режисери, камермани и монтажери), кои би требало подготвено да запливаат во професионалните води на филмот. Процесот подразбира работа на сите фази на создавање на филмското дело од идеја до премиера. Програмата е исклучително корисна, особено за оние деца што имаат желба ова да биде и нивна идна професија.

Кои се најчестите теми што ги инспирираат учениците да снимат филм?
– Огромен дел од успехот на еден филмски производ се должи на изборот на темата. Секое уметничко дело, оттука и филмот, треба да отвори прашања за кои некако се избегнува да се зборува. На некој начин се табу. Важно е филмот да се занимава со навистина значајни теми и да нѐ освести за проблеми што го демнат младиот човек. Честопати гледаме дека работата со деца се банализира преку темите што се работат. Во нашиот случај не е така. Последните три краткометражни филма „Кукачот“, „Кривец“ и „Ама јас те сакам“ се посветени на врсничкото насилство, и тоа на некои многу суптилни и исклучително опасни форми на психолошко насилство по животот на детето, пред кои не смее да се молчи.

Имавте продуктивна година и со повозрасна група ученици, кои ги следеа предавањата на професорот Владимир Блажевски и на Дејан Дуковски. Како сте задоволна од проектите што произлегоа?
– Ретка привилегија е да ги имаш Блажевски и Дуковски како ментори. Двајцата се големи професионалци во своите дејности и некако знаев дека филмовите што ќе излезат од оваа програма ќе бидат солидни. Во 2018 г. беше премиерата на шесте филма: „Мојот татко“ и „13 мај“ на Ирма Башеска Ристовска, „Да се биде Максут“ на Нихал Бејадин, „Боројевиќ“ на Мите Спасовски и „Услов“ на Даниел Шикоски и мојот филм „Кукачот“. Играните филмови се занимаваат со актуелни и горчливи теми, особено значајни за младите.