Српската културна јавност му укажа голема чест на македонскиот писател Венко Андоновски. Тој е автор на драмскиот текст „Изрешетани души“ според кој годинава ќе се изведе традиционалниот сценско-театарски спектакл „Големиот школски час“, државна манифестација посветена на стреланите 3.500 работници и ученици во Крагуевац, на 21 октомври 1941 година. Драмскиот текст ќе биде печатен на српски јазик, како дел од повеќетомната едиција „Голем школски час“, заедно со другите автори што пишувале на оваа тема.

За „Големиот школски час“, последниве 50 години сценарио пишувале, меѓу другото, и имиња како: Душан Радовиќ, Десанка Максимовиќ, Милован Витезовиќ, Љубивое Ршумовиќ, Мира Алечковиќ, Бранко В. Радичевиќ, Драган Данилов, Видосав Стевановиќ, Оскар Давичо, Јуре Каштелан, Јеврем Брковиќ, Ричард Бернс од Англија, Андреј Базилевски од Русија, Ана Сантоликуидо од Италија…

Режијата на спектаклот ѝ е доверена на младата, но истакната режисерка Јана Маричиќ, а улогите ги толкуваат еминентни српски актери. Театарскиот спектакл, како и секоја година, ќе оди со директен пренос на Српската телевизија, на 21 октомври, кој е прогласен за државен празник. На тој ден, на „Големиот школски час“, во паркот Шумарице, каде што е извршено стрелањето, присуствуваат повеќе илјади луѓе и државниот врв на Србија.