По синоќешниот концерт на групата „Синтезис“ за 58-от роденден на „Охридско лето“, фестивалот вечер продолжува со уште една исклучителна содржина од музичката програма – настапот на дуото „Сора“ и уметниците Учида Шиори на саксофон и Фати Фехмију на хармоника.

Дуото „Сора“ е основано во 2015 година, а само година подоцна го одржува својот прв концерт. Оттогаш редовно настапуваат на разни сцени каде изведуваат свои композиции, аранжмани на познати дела, како и дела од класичната музика, традиционалната и народната музика, филмската музика, свирејќи притоа на различни инструменти – саксофон, хармоника, пијано, виолина. Дуото е добитник на специјалната награда од публиката на 14-тиот концерт во салата Јуме во Јапонија во 2016 година.

Учида Шиори започнува да учи пијано на двегодишна возраст, а саксофон десет години подоцна. Дипломира на Колеџот за музика „Кунитачи“, а како резултат на успешните студии започнува да настапува како солист со Универзитетскиот симфониски оркестар и други камерни состави. Студирала под менторство на Кумои Масато, Араки Коичи и Коџи Јуреи – професори и вистински професионалци во својата дејност. Посетувала и мајсторски курс кај познатиот американски саксофонист Фредерик Л. Хемке.

Фати Фехмију своето музичко образование го започнува свирејќи хармоника и виолина. Уште од рана возраст го привлекува композицијата, па затоа паралелно се запишува на академски студии по виолина и композиција. Магистрира музикологија и музичка педагогија, а воедно студира и компјутерска музика на Колеџот за музика „Кунитачи“ во Токио, каде ги започнува и своите докторски студии. Во кариерата соработувал со истакнати артисти, а добитник е и на повеќе награди.

Шиори и Фехмију на сцената во катедралната црква „Света Софија“ ќе изведуваат нивни авторски композиции, традиционални песни, како и одбрани дела на Бах, Бородин, Барток, Пјацола.

Инаку, фестивалот „Охридско лето“ вчера со концертот на етногрупата „Синтезис“ ја одбележа годишнината од првиот концерт на оперската певица Ана Липша Тофовиќ, одржан на 4 август пред 58 години, настан што се смета за роденден на оваа наша најпрестижна и најмасовна музичко-сценска манифестација.

Публиката во преполната сала на Центарот за култура „Григор Прличев“ уживаше во веќе познатите преработки на „Синтезис“, во композициите изведени заедно со вокалот Дарко Билбилоски, но имаше можност да слушне и дел од нивниот нов репертоар од  албумот со работен наслов „Остров“.

Традиционално, роденденот на „Охридско лето“ беше прославен со коктел и торта, подарок од новоизградениот хотел „Unique”.