Во Полска се продадени повеќе од милион примероци од книгите на Олга Токарчук, откако Шведската академија во октомври одлучи да ѝ ја додели Нобеловата награда за книжевност, објави нејзиниот полски издавач.

– Пред објавата на одлуката на Шведската академија, беше проценето дека вкупно се продадени околу милион копии од книгите на Токарчук. По 10 октомври го удвоивме тој резултат и на пазарот ставивме уште милион дополнителни примероци. Интересот за нејзините книги е огромен во оваа земја со 38 милиони жители – рече Марцин Баниак од издавачката куќа на нобеловката.

Олга Токарчук (57) е петнаесетта жена на која ѝ е доделена Нобеловата награда, а како што е истакнато во образложението на Шведската академија ја доби за „наративната имагинативност, која со енциклопедиска страст преминувањето на границите го претставува како облик на живот“. Националистичките конзервативци на власт во Полска често ја избегнуваат или ја критикуваат Токарчук, која има лева проевропска ориентација, а е вегетаријанка и еколошка активистка. Токарчук во октомври беше прогласена за добитничка на Нобеловата награда за книжевност за 2018 година, заедно со австрискиот автор Петер Хандке. Оваа година се доделени две награди бидејќи Шведската академија минатата година, првпат по 70 години, одлучи да го одложи прогласувањето на добитникот на Нобеловата награда за книжевност поради скандалот поврзан со сексуално малтретирање.

Токарчук (1962) е родена во Сулехув, Полска. Taa e писателка, есеистка, авторка на сценарија, поетеса. Завршила психологија на Варшавскиот универзитет. Непосредно по студиите работела како психотерапевтка, но откако нејзините први литерарни творби добиле популарност, ја напуштила работата. Оттогаш живее во рурална средина на планинскиот масив Судети, во Западна Полска, а пејзажите и културата на таа средина провејуваат во неколкуте нејзини објави. Авторка е на десетина романи и збирки раскази и добитничка е на неколку престижни литературни награди. Води прозаистичка работилница на Јагјелонскиот универзитет во Краков, како и предавања по креативно пишување на Универзитетот во Ополе. Ѝ припаѓа на Партијата на зелените и следбеничка е на проеколошките, феминистичките и пацифистичките идеи и заложби за човекови права, општествената праведност и развој.

„Или-или“ на македонски јазик ја објави нејзината книга „Талкачи“, метафора за современиот човек, кој е во постојано движење. Романот претставува патување низ просторот, континентите и вековите, мешавина од судбини на различни луѓе, информации за необични феномени и научни предавања, кои читателот ги консумира како во воз, чии патници постојано се менуваат и раскажуваат различни приказни.