Текст со наслов „Портрет на Кирил Ценевски: неконформизмот од инцидент до самоегзил“ на филмскиот критичар и проследувач Стојан Синадинов, инаку поместен во буклетот на ДВД-изданието со дигитално реставрираните филмови на режисерот, е објавен деновиве на веб-страницата на Кинотеката на Македонија, по повод ненадејната смрт на Ценевски на 76-годишна возраст.

– Кирил Ценевски по многу параметри е единствена појава во македонската кинематографија. Контроверзноста слободно може да фигурира како негово средно име. Уште со првиот филм, „Црно семе“, ги освои не само најбитните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм што учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали – пишува Синадинов.

Роден е во Крива Паланка, во 1943 г. студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје, а со киноаматеризам се занимава уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот „Цената на градот“ (1970). Во 1971 година Ценевски го режира филмот „Црно семе“, за кој добива повеќе награди: „златна арена“ за режија на фестивалот во Пула, „златен венец“ за најуспешно деби, „11 Октомври“ и др. Филмот во 1972 г. е југословенски кандидат за „оскар“…

Режисерот и сценарист Кирил Ценевски беше добитник на наградата „златен објектив“ во 2013 година, која Кинотеката на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Истата година беше првиот добитник и на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

– Има нешто неодоливо во филмографијата на Кирил Ценевски, нешто што неговиот филмски опус го прави посебен. Тоа е концентрацијата на филмови и настаните околу нив во само 14-15 години од неговиот живот, од 1971 до 1985 година. Кирил Ценевски, иако роден среде Втората светска војна (Крива Паланка 28.1.1943), е припадник на онаа генерација македонски уметници и интелектуалци, кои, по урнекот на западноевропската култура, слободно можеме да ги сместиме во т.н. беби бум генерација. Родени „на време“ да го почувствуваат благодатот на една каква-таква економска благосостојба во форматот на некогашна социјалистичка Југославија од втората половина на шеесеттите години, и можноста да сведочат на последниот донкихотски обид за промена на светот, како што во тоа се обидоа студентите во 1968 година. Францускиот социолог Едгар Морен во „Духот на времето“ вели дека париската шеесетосмашка револуција фактички резултирала само со минорна реконструкција на високото образование во Франција, но духот на слободата што бил ослободен меѓу масите млади луѓе во Европа и во САД веќе не можел да биде вратен во шишето на конзерватизмот. Можеби тврдењето дека едно од лицата на тој шеесетосмашки дух во македонската култура е Ценевски ќе звучи претенциозно, но неговата филмографија некако го потврдува тоа – пишува Синадинов.

Според него, појавата на Ценевски во македонската кинематографија е како необичен силен ветар, за кого на времето тврделе дека дошол од „никаде“.

– Ако автодидактичниот пристап и учеството во филмскиот аматеризам, без дипломата на институционализираните филмски школи, можат да биде дефинирани како влез во една национална кинематографија од „никаде“, тогаш целиот француски „нов бран“ и добар дел од класичниот и „нов Холивуд“ би биле декласирани уште во почетоците на каква било анализа со таков пристап. Од друга страна, пак, во прилог на споменатото тврдење одат и некои лапидарно изречени критики и одгласи за филмовите на Ценевски: како онаа луцидна забелешка од 1975 година, по учеството на ЈАД на Пулскиот фестивал, дека авторот со сторијата за богомилите во Македонија, всушност, направил филм за „хипиците од 11 век“! Всушност, Ценевски можеш да го сакаш или да го мразиш, но никогаш не можеш да бидеш индиферентен кон неговите филмови и естетички или политички ставови – вели Синадинов.

Понатаму во својот обемен осврт тој се осврнува на авангардноста на „Црно семе“, сметајќи го за едно од најзначајните филмски остварувања во македонскиот филм за целата негова историја на постоење, вклучувајќи го и денов денешен.