Со словенечката претстава „Бегај ѓаволе, жена ми доаѓа“ на Културното друштво „Шатор Шторје“ од Словенија, вечер ќе почне 55. Драмски аматерски фестивал во Кочани под мотото „Уметноста е долга, животот е краток“.

Ќе бидат изведени 16 аматерски претстави од исто толку ансамбли и една професионална, скопската хит комедија „Чао пријатно“ на театар „Чао пријатно“ која ќе биде изведена на затворањето на фестивалот на 2 јуни.

Ќе има над 210 учесници од 16 театарски групи: Културно друштво „Шатор Шторје“ од Словенија и Аматерскиот театар „Хранислав Драгутиновиќ“ од Прокупље, Србија. Од Македонија ќе учествуваат Младинска сцена на Интимен театар од Битола, СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје, Драмското студио „Карло Голдони“ од Дебар, Малдинското драмско студио „Прличко“ од Велес…

Изборот на претставите  е на актерката Јасмина Билаловиќ, во жирито се актерите Горан Стојановски и Наталија Тодосиевска и драматургот Билјана Крајчевска. Фестивалот ќе додели награди за најдобра главна и споредна машка и женска улога, најдобра режија, специјална награда и главната – Гран-при – за најдобра претстава на фестивалот. 

– Тоа е Фестивал во којшто искрено се негува љубовта кон театарот. Речиси и да не постои човек кој се занимава со театарот во каква било форма, како режисер, актер или сценограф, којшто не почнал на оваа манифестација. И сите актери, режисери и други театарски работници со особена топлина се сеќаваат како почнале во Кочани. Некои од нив во 1960-тите години, други деценија подоцна и така со ред, вели Дарко Спасов, новиот претседател на фестивалот.

Во рамки на годинашниот ДАФ ќе бидат одржани манифестации, промоции на книги, работилници, ликовни перформански, театар на сенки…, а посебен акцент годинава е ставен на гостувањето на Словенецот Марко Брецељ, ексцентричен, мултимедијален уметник попознат како фронтмен на „Булдужер“ – jугословенскиот рок-бенд од 1970-тите и 1980-тите години.

Фестивалот годинава од Центарот за култура „Бели мугри“ се проширува во предворјето на Центарот и во градскиот парк.