Седум претстави и еден документарен филм се на програмата на шестиот Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“, кој ќе почне денеска и ќе трае до 9 септември, а е во организација на театар „Комедија“ во соработка со општина Аеродром. Фестивалот ќе се одржи во спортскиот центар Ново Лисиче, а влезот е бесплатен.

Фестивалот ќе го отвори Театарот за деца и младинци со претставата „Волшебната флејта“. Утревечер е првата гостинска претстава – „Кнегињата од Фоли Брежера“ на Народно позориште Ниш, а во наредните пет дена ќе бидат изведени претставите: „Мани, мани, мани“ на НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово; „Забрането смеење“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица; „Како да се ограби банка“ на Драмскиот театар; „Каде е пиштолот?“ на Народниот театар Охрид и „39 степеница“ на Загребачко градско казалиште „Комедија“ од Загреб.

Фестивалот свечено ќе биде затворен идниот понеделник, 9 септември, со доделување на наградите и премиерно прикажување на документарниот филм за актерката Анче Џамбазова (1942-1997). На затворањето на 6. „Гола месечина“ за посетителите ќе има и стендап на Никола Тодоровски.
Претставите ќе се изведуваат во спортскиот центар „Ново Лисиче“ со почеток во 20 часот. За наградите за претставите од програмата ќе одлучува тричлено меѓународно жири.