Фестивалот „Златна лира“ почнува вечерва, во 20 часот, во Музејот на македонската борба со концерт на пијано-дуото – Весна Ангелова Христов и
Петар Макариевски. На концертот ќе бидат изведени делата „Три пиеси за музичката кутија“ од Костадин Делиниколов (аранжман за четирирачно пијано), „Детски сцени оп. 15“ од Роберт Шуман (аранжман за четирирачно пијано) и „Пиеси за четирирачно пијано оп. 11“ од Сергеј Рахманинов.
Весна Ангелова Христов на 17-годишна возраст е примена на ФМУ каде што дипломира пијано со највисока оценка во класата на проф. Борис Романов. Магистрира интерпретација на пијано на ФМУ под менторство на реномираната пијанистка и педагог Рита Кинка (Академија на уметностите, Нови Сад). Во текот на нејзиното школување е добитничка на голем број меѓународни и државни награди и признанија, како и на стипендија за културен престој во Париз. Учествувала на семинари и работилници кај признаени педагози во Чешка, Германија, Франција.

Македонската публика повеќепати ја забележала како солист со Македонската филхармонија, а својот афинитет кон камерната музика го преточува во работата со состави пијано-дуо и пијано-трио.
Петар Макариевски дипломира на ФМУ во Скопје во 2011 година, во класата на проф. Јасминка Чакар. Од 2001 до 2003 година посетува магистерски студии по пијано на Државната музичка академија во Софија, Бугарија. Во 2011 година добива асистентско место на Државниот универзитет во Атланта, САД. Во текот на престојот во Атланта, Макариевски активно настапува со солистички концерти, камерна музика и работи како хонорарен пијано-соработник на истиот универзитет. Активен е во организација на концерти преку Француската алијанса и институтот „Гете“ во Атланта. Како лауреат на натпреварот за инструментални концерти во Атланта настапува како солист со повеќе оркестри, со кои забележува успешни критики и понуди за соработка со повеќе диригенти.