Скопје, улица, музика се трите збора што во себе ја содржат суштината на тоа што ќе се случува до 24 јуни, на седум различни локации во градот Скопје, во рамките на „Скопје стрит мјузик фестивал“, чија порака е дека добрата музика треба да биде достапна за сите. Целта е на граѓаните да им се овозможи на улиците и во своите маала да слушнат квалитетна музика, која инаку ја има само на официјалните сцени и во концертните сали.
Со тоа, градот Скопје ќе се претвори во музичка сцена под отворено небо. Наедно фестивалот го следи форматот на музички фестивал, со што се стреми да го вброи Скопје на мапата на познатите музички фестивали. За време на фестивалот посетителите ќе можат да слушнат рокенрол, џез, боса нова, етно, класична и филмска музика.
Покрај тоа ќе настапат и специфични состави со француски шансони, еврејска музика и хорско пеење. На репертоарот ќе биде застапена авторска музика, но и преработки на познати песни. Во исто време присутните, особено помладите, ќе можат да се запознаат со различни музички инструменти, некои од нив и многу ретки и несекојдневни. На отворен простор, а не во концертна сала ќе може да се видат различни инструменти, како ксилофон, вибрафон, акустично пијано, бандонеон.
Изведувачите, каде што се вбројуваат познати уметнички имиња, но и аматери, се избрани по пат на конкурс, од селекторот на фестивалот. Ќе учествуваат вкупно 24 артисти, групи и ансамбли.