Долни Сарај, една од најубавите и најрепрезентативни сцени во Охрид ќе добие нов, функционален и модерен изглед со реконструкцијата што следува во текот на наредниот период. За таа цел, директорката на Националната установа „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, изврши увид на моменталната состојба на оваа локација. Градежните активности ќе почнат веднаш штом ќе завршат законските рокови околу тендерската постапка.

– Долни Сарај ќе го добие заслужениот лик и ќе претставува најсоодветното место за настапите на уметниците од целиот свет што учествуваат на најреномираниот музичко-сценски фестивал во Македонија, „Охридско лето“. Од друга страна, таа ќе биде и удобно катче за публиката. Планирано е градежните активности да завршат во декември – вели Поповиќ.

Според директорката, сцената ќе претрпи комплетна и темелна санација со нивелирање и зголемување на површината за 10 проценти, како и вградување полиуретански под за подобрување на перформансот и заштита од атмосферски влијанија. Што се однесува до гледалиштата на Долни Сарај, ќе биде извршена комплетна санација на постојните, а ќе се постават и ново западно и ново централно гледалиште, со што капацитетот наменет за публиката ќе се зголеми за околу 40 отсто. Исто така, проектот предвидува и проширување на пристапниот влез за товарни возила до самата сцена.

Комплетно санирана ќе биде и терасата на Долни Сарај, која лежи над самото Охридско Езеро. Таму ќе се реновира подот, како и постојната бетонска ограда. Проектната документација предвидува и комплетно реновирање и проширување на пристапните скали кон терасата. Предвидено е и неколкукратно зголемување на капацитетот на електричната моќност, а целиот простор ќе добие и ново хортикултурно уредување.

Целокупниот проект за реконструкција и санација на сцената Долни Сарај вреди 2,3 милиони денари, од кои 1,4 милион денари ги обезбеди Министерството за култура преку програмата за култура за 2018 година, а другите средства, фестивалот ги обезбеди претходно за сцената да добие модерен изглед според сите светски стандарди. А.Р.